Европскиот и македонски ракометен првак Вардар ремизираше против полскиот првак Киелце (28:28) во еден возбудлив натпревар во Лигата на шампионите. Со неискористен шут за победа во последните секунди, вардарци ќе се задоволат само со бод и задржат втората позиција на табелата.
Тежок натпревар за „црвено-црните“, без класични бекови во нападот покажаа дека умеат и лавовски се бореа целиот натпревар. Предводени од бековите Атман и Скубе, заедно со Дибиров и Чупиќ кои го дадоа својот максимум во својата бековска улога на овој натпревар, како и пикерите Стоилов и Калараш сосема заслужено освоија бод на овој тежок натпревар.
Одлично го започнаа натпреварот, со одлична одбрана и разновиден брз напад се одлепија со солидни 5 погодоци разлика во 15-тата минута (10-5). Но, потоа следуваше пад кај вардарци, кој гостите го искористија и со серија од 4-0 се вратија во натпреварот и на полувреме се замина со минимално водство на Вардар од 17:16.
Во второто полувреме се продолжи во исти ритам, се играше гол за гол, а најчесто „црвено-црните“ по грешки во нападот примаа лесни голови од контра или пак голот беше празен. Но, тоа не ги откажа вардаровите ракометари и пордолжија борбено до самиот крај, каде Гедбан влезе во ритам и во најпотребните минути одбрани неколку клучни шутеви на Киелце и го донесе Вардар во неизвесен финиш.
Во последните 30 секунди екипата на Киелце имаше шут за победа, но Гедбан одбрани. Па во последните 10 секунди ракометарот на Вардар, Скубе имаше шанса со последен шут да донесе победа на Вардар, но не успеја во тоа.
Најефикасни на натпреварот беа Скупе со 7 и Чупиќ со по 6 постигнати погодоци, додека кај гостите Јанц со 7 и Душебаев со 5 постигнати погодоци. На голот на Вардар, Гедбан беше одличен со 12 одбрани.
Фото: Екипа.мк