Ракометарите на Вардар со победа ја завршуваат 2016 година, откако вечерва на гостувањето кај Мешков Брест во Белорусија, славеа со 30:35 во рамките од СЕХА лигата.

Одличен натпревар за око, без многу играње одбрана кај двете екипи, но затоа во нападот беа ефикасни и брзо постигнуваа погодоци.

Уште на почетокот на натпреварот, ракометарите на Вардар покажаа дека бодовите ќе заминат за Скопје. Одиграа неприкосновено во нападот и ги искористија грешките на домаќинот, за со две мини серии веќе во 21 минута на семафорот да покажува 7:14, за „црвено-црните“. За оваа предност најзаслужен беше Штербик кој се разбрани во последните 15 минути од првото полувреме, за на пауза заминат со 12:19.

Во второто полувреме вардарци продолжија со истата игра, која го одржуваше водството. Неколку пати ракометарите на Мешков Брест пробаа да се вратат во натпреварот, но само стигнаа до 5 погодоци разлика. На 10 минути пред крајот, ракометарите на Вардар имаа пад во играта, но навремениот тајмаут на Гонзалес и влегувањето на Ангелов на голот (кој направи серија од 6 одбрани), не дозволија на Мешков Брест да се приближи и да помисли на тотален пресврт.

Со што заслужено „црвено-црните“ ја забележаа 12-та победа во СЕХА лигата и на одмор ќе заминат како есенски шампион во ова натпреварување.