Ракометарите на Вардар очекувано убедливо го совлада Мешков Брест со 33:24 на завршниот турнир од СЕХА лигата, што се одржува во СЦ „Јане Сандански“.
Разликата во квалитетот се виде уште во првите 10 минути од натпреварот, кога „црвено-црните“ се одлепија со 6 погодоци предност. Ракометарите на Брест беа рамноправен противник само во почетните 5 минути кога на семафорот беше нерешено (3:3). Пробаа да се вратат повторно кон крајот на првото полувреме, кога го намалија резултатот и на полувреме заминаа со резултат 17:14.
Но, вардарци на почетокот на вториот дел започнаа фуриозно и со серија од 4-0 најавија дека нема што да бараат ракометарите на Мешков Брест на овој натпревар. Водството на Вардар стигна и до 10 погодоци разлика (30:20) на 10 минути до крајот, па понатаму веќе се беше рутина за конечни 33:24.
Најефикасни на натпреварот беа Лука Циндриќ со 6 постигнати погодоци кај Вардар, а кај Мешков Брест најефикасен беше Максим Баранов со 9 постигнати погодоци.
На голот кај „црвено-црните“ на денешниот натпревар блескаше феноменалниот Арпад Штербник, кој натпреварот го заврши со 20 одбрани на голот.