Ракометарките на ЖРК Вардар денес од 18:00 часот гостуваат кај ЦСМ Букурешт, во рамките од 4-то коло од втората фаза во Лигата на шампионите. Екипа кој е директен конкурент на „црвено-црните“ за третата позиција на табелата, која носи условно кажано полесен противник во разигрувањето. ЖРК Вардар има бод повеќе од денешниот противник, но сепак тоа не гарантира мирен завршеток. Во следните три натпреври мора да оствари три победи дотолку сака да го задржи третото место, но постои и опција во која може да заврши на втората позиција.
„Останаа уште три натпревари, а ние се спремаме да победиме на сите нив. Значи не правиме никакви калкулации, но секако, како и секој тим сакаме да бидеме повисоко на табелата. Можеби, второ, можеби трето место, но никако не би сакала да бидеме четврти. Одиме сега во Букурешт, тие и во Скопје покажаа дека се една квалитетна екипа, меѓутоа ние се подготвувавме за нив и мислам дека клучот за добар резултат таму ќе биде нашата одбрана. Не одиме да само колку да отидеме во Букурешт“– изјави Индира Кастратовиќ.
Во првиот натпревар во Скопје, ЖРК Вардар го совлада романскиот првак со 22-21. Натпревар во кој нашите ракометарки не беа во посакуваната форма, каде со многу среќа дојдоа до оваа победа. Но, Кастратовиќ изјави дека сега девојките се влезени во ритам и очекува да бидат се подобри од натпревар во натпревар.
„Јас се надевам дека ќе фатиме еден континуитет, ова веќе ќе биде трет натпревар во новата година, девојките веќе се влезени во ритам и очекувам од натпревар во натпревар да бидеме сѐ подобри. Се надевам кога ќе дојде Будуќност ќе бидеме целосно мотивирани, подготвени и физички и психички да го победиме, па после на последниот натпревар кај Савехоф да одиме растоварени. Треба да освоиме минимум четири бода од овие три натпревари за да бидеме задоволни“ – заврши Индира.