По двомесечна пауза денес продолжуваат натпреварите во женската Лига на шампионките, со натпреварите од првото коло од главната фаза. Македонскиот шампион, ЖРК Вардар му гостува на вечниот ривал Будуќност во Подгорица, каде ќе проба конечно да слави победа во салата Морача, која е едена од најжешките терени во Европа. Последен пат Ѓер триумфирал таму во март 2013 година, иако потоа неколку екипи имаат ремизирано.
Нашите ракометарки имаа доволно време да се спремат за вториот дел од ЛШ, предводени од тренерот Давид Дејвис, кој изјави дека неговите ракометарки се спремни за прва гостинска победа во Подгорица:
„Верувам во ова 100 отсто. Екипата е подготвена за ова. Трениравме две недели веќе, и ќе имаме неколку чекори напред во формата. Затоа и сметам дека екипата е подготвена за прва гостинска победа во Подгорица“ – изјави Давид Дејвис.
Досега овие две екипи одиграле 7 натпревари во Лигата на шампионите, во кои Будуќност има 4 победи, ЖРК Вардар 2 победи и едно реми.
Во составот нема да биде Ина Суслина, која сеуште се опоравува по операцијата.
Натпреварот се игра денес од 19:30 часот, со директен пренос на МРТ1.