Ако по утрото денот се познава, тогаш оваа година Вардарки ќе бидат многу помоќни и амбициите за освојување на Лигата на Шампионите многу пореални. По освојувањето на турнирот „Винко Кандија“ каде што Вардар без 7 ракометарки ги „преслуша“ Хипо (36-23), Подравка (35-19) и екипата на Крим (30-25), екипата на Вардар се комплетираше и викендов му одржа ракометна лекција на ланскиот ривал во 1/4 финалето, екипата на Ларвик.

  • ВАРДАР-ЛАРВИК 35-27 (20-11)

Во првото претставување пред скопската публика, со исклучок на Лакрабер која што поради повреда покасно ќе се приклучи на тимот, за Вардар на домашен терен во одлично светло дебитираа сите нови ракометарки (Мавсар, Херем, Песоа, Илина) и покажаа дека ќе донесат многу свежина која што фалеше минатата сезона.
Во првиот натпревар одигран во саботата, Вардарки уште во првите 10 минути стекнаа предност од +4 (11-7) и си го трасираа патот кон победата. Тајм-аутот не му помогна на гостинскиот терен, па така разбранетата Суслина која што забележа 7 интервенции и овозможи неколку контри за Вардар, само го зголемија водството и на полувреме резултатот гласеше 20-11.
Второто полувреме започна со ротација на голманската позиција кај Вардар, Песоа ја замени Суслина и веднаш се почувствува бразилскиот темперамент и мотивацијата која што им ја даваше на нејзините колешки. Кастратовиќ почна да го ротира составот, кај дел од ракометарките на Вардар дојде до опуштање кое што резултираше со намалување на предноста на 3 разлика. Сепак во последните 10 минути од натпреварот Вардар рутински и искусно го заврши натпреварот и со нова серија го зголеми резултатот на високи 8 разлика којшто беа реален одраз на силите.
Вреди да се напомене дека Андреа Лекиќ го одигра својот прв натпревар после тешката повреда. Беше стрелец на 4 погодоци. Најефикасна во редовите на црвено-црните беше Лазовиќ со 7 гола. Од новите засилувања Херем постигна 2, Песоа имаше 8 интервенции додека Илина и Мавсар не се запишаа во листата на стрелците.

  • ВАРДАР-ЛАРВИК 30-24 (14-15)

Вториот пријателски натпревар одново резултатски беше сличен на оној одигран претходниот ден, сепак во овој натпревар се појавија „старите“ болки кои Вардар ги имаше минатата сезона. Тоа беа големите осцилации којшто црвено-црните девојки ги имаа во својата игра.
Првото полувреме беше полувреме во кое нашата екипа имаше подеми и падови, по почетната негатива од (6-3), Вардарки се консолидираа и со серија од 5-1 го превземаа водството. Нашите девојки го диктираа темпото на игра се до 24 минута, кога гостинките од Норвешка при негатива од (11-9) направија пресврт и го добија првото полувреме минимално (15-14).
Второто полувреме започна многу подобро за Вардар, Суслина влезе во игра и со неколку добри интервенции во првите минути им овозможи на својте колешки „полесно“ да се справат со Ларвик. Одличната игра во напад и цврстата одбрана на Вардар му донесоа водство од (21-16) во 43 минута. Девојките го испочитуваа договореното, Суслина беше во елемент и сето тоа им овозможи рутински да го задржат водството и на крај на семафорот да пишува 30-24 во корист на македонскиот шампион.

Овие две пријателски средби, и оние на турнирот во Словенија дефинитивно даваат самодоверба дека можеби ова е клучната година за Вардарки, кога конечно ќе застанат на европскиот трон. Сепак Кастратовиќ опоменува дека овие победи не треба да ги залажат и дека дури сега започнуваат вистинските предизвици на којшто мора соодветно да одговорат.

Автор: Б.Ф