Денес, ракометарките на ЖРК Вардар за последен пат ќе истрчаат пред скопската публика во актуелниот состав против Митјиланд во рамките од реванш 1/4 финалниот натпревар. Вардарки имаат минимална предност од еден гол после победата од 24:23 на гостувањето во Данска и посакуваат пред полна сала да го заверат 5-тото учество на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.

Фановите на македонскиот шампион ќе имаат шанса на најдобар начин да ги поздрават ракометарките, кои од следната сезона ќе ги гледаме во други клубови, а силниот ЖРК Вардар ќе замине во историја. Токму распадот на овој тим ќе биде повеќе од доволен мотив, како што најавуваат ракометарките да се покажат во најдобро светло, а потоа во Будимпешта да го освојат пехарот и да стават крај на бајковитите години минати во Скопје.

Радичевиќ на прес-конференцијата со многу емоции ги повика навивачите да дојдат во што поголем број и заедно да издвојуваат позитивен резултат, кој ќе ги однесе на Ф4 турнирот во Будумпешта.

„Дојдовме до самиот крај. Во СЦ „Јане Сандански“ го играме последниот натпревар заедно. Мислам дека заслужуваме полна сала и ги повикувам нашите навивачи да дојдат во што поголем број. Многу ни е тешко но ќе најдеме сили емоциите да ги надминеме. Победивме на првиот натпревар, но не покажавме тоа што можеме. Мораме да ги поправиме грешките од Данска. Верувам во тимот и верувам дека ќе се пласираме на завршниот турнир во Будимпешта“ – изјави Јованка Радичевиќ

Натпреварот започнува од 17:00 часот, со директен пренос на МРТ.