Во тежок, изедначен и рака на срце, не баш квалитетен натпревар, Вардар ја совлада екипата на ЦСМ Букурешт со резултат 22-21. Со силна одбрана во последните 11 минути од мечот, кога Вардарки примија само 2 гола, македонскиот првак го скрши жилавиот тим од Романија, и ги освои првите 2 бода во главната рунда од овогодинешата Лига на шампиони.
На стартот на мечот веднаш се забележа дека ЦСМ Букурешт е сериозна екипа. Тоа впрочем беше јасно и со 5-те пренесени бодови од првата рунда, еден од кои е и резултат на нерешениот дуел на жешкиот терен во Подгорица против Будуќност. Во првите 10 минути, ЦСМ не дозволи Вардар да ја искористи предноста на домашен терен. Напротив играше покомпактно и подобро и како резултат на тоа имаше предност во 12-тата минута од 3-6. По тајм-аутот на двоецот Питлик-Кастартовиќ, Вардар со серија од 3-о за неполни 2 минути резултатски целосно се врати. И тука не застана. Ја наметна својата игра и тоа резултираше со 3 голови предност, 11-8 во 24-та минута. И тогаш, откако Алтхаус промаши зицер за +4, наместо Вардар мирно да ги одигра последните 5 минути од првото полувреме, тие одиграа нервозно и лошо во одбрана, што резултираше со 2 исклучувања (Дамјановиќ и Черноиваненко) и серија од 3-о за гостите од Романија. Така, наместо со предност, како награда за добрата игра во вториот дел од полувремето, Вардар со резултат 11-11 замина на полувремето.
Ракометарките на ЦСМ Букурешт ја продолжија својата серија и на почетокот на вториот дел. Со два гола во серија, Романките поведоа со 11-13, а откако го пропуштија нападот за +3, Вардар се врати во игра. Откако изедначи на 13-13 во 36-та минута, гледавме комплетно изедначен натпревар, до самиот крај. Тоа го покажува и фактот дека од 36-та до 49-та минута имаше дури 7 изедначувања, а ниту една екипа не успеа да се одлепи ниту на +2. И тогаш Питлик го бара вториот тајм-аут на мечот, што ќе се покаже како решавачко. Вардарки стегнуваат во одбрана (9 минути без примен гол), а постигнуваат 3 гола за решавачка предност од 22-19 во 57-та минута. Гостинките од Букурешт не се предадоа, постигна два брзи гола, имаа и напад за израмнување, но среќата овој пат беше на страна на домаќинките.
Најдобра кај Вардар беше голманот Лејно со 14 одбрани, исто како и Грубишиќ на спротивната страна, која мечот го заврши со 15 одбрана. Од стрелците, кај Вардар најпрецизна Лекиќ со 5, пред Дембеле и Пенезиќ со 4. Кај гостите, убедливо најдобра беше Гулден со 8 погодоци.
Вардар победи, и тоа во моментов е најважно во исклучително тешката и изедначена група, но нема место за задоволство од играта. „Ова на моменти личи на средношколски натпревар“, изјави коментаторот на МРТ за време на преносот на мечот. Тоа само покажува колку многу грешки имаше и кај двете екипи и е јасен знак дека Питлик и Кастартовиќ имаат многу работа пред следните натпревари. А следниот дуел е веќе наредниот викенд, против големиот фаворит за титулата, подгорички Будуќност.
По овие два освоени бода, и поразот на Будуќност од Ѓер (22-20), ситуацијата во групата 2 е исклучително неизвесна. Во водство се екипите на Ѓер и Будуќност со 7 бода, пред Вардар со 6 и ЦСМ Букурешт со 5. Останатите две екипи во групата Митлијанд и Савехов (кои својот меч ќе го одиграат во недела) имаат 3 односно, 0 бодови.