Македонската репрезентација вечерва загуби убедливо од репрезентацијата на Данска, со резултат 31:20 и со три порази во втората фаза го заврши настапот на Европското првенство.
Но, во сите овие порази има и нешто добро. Тоа се младите ракометари кои покажаат солидни игри на ова ЕП во Хрватска, што покажува дека сепак ќе имаме иднина во македонскиот ракомет. Првпат доби шанса и младиот Мартин Велковски кој и покрај големиот притисок кој го имаше, знаејќи дека треба да го замени незаменливиот Кире Лазаров, покажа една солидна игра која ветува!
„Многу е тешко да го замениш Кире Лазаров. Сите очекуваат од таа позиција да се постигнат по десетина голови, но Лазаров е врвна класа. Се надевам дека во иднина, со многу труд и работа, ќе можам подобро да одговорам на барањата. Ние младите добивме поголема шанса на овие два последни меча, против Чешка и против Данска, игравме добро до одреден период, и потоа се гледа дека не можеме да го издржиме силното темпо. Тоа е голема лекција за нас и поука дека треба уште многу да работиме“ – изјави Мартин Велковски.