Како никогаш до сега, Вардар беше блиску до триумф над европскиот првак Барселона. Конечни 31-30, во комплетно изедначен меч, кој можеше да заврши и со победа на Вардар. Или во најмала рака нерешено. Како и да е – Вардар уште еднаш и покажа на ракометна европа дека е голем фаворит за пласман на Фајнал 4 турнирот во Келн.
Почетокот на мечот не навестуваше ваков резултат. Фуриозно започна Барселона и веќе во 6-та минута поведе со 5-1. Но Вардар покажа карактер. Не дозволи паника во своите редови. Напротив, заигра како што знае во нападот, ја прифати „тркачката“ игра на Барселона со многу голови и добро се носеше. Во одбраната сепак, се беше оставено на феноменалниот Штербик. Играчите не беа на ниво, бековите на Вардар лесно доаѓаа до ситуација за удар и го решетаа голот на Штербик. Особено доминантен беше Тунижанецот Жалу, кој првото полувреме го заврши со 8 гола, меѓу кои и оној од слободен удар по истекот на првите 30 минути, со кој Барса замина на одмор со водство од 16-13.
Почетокот на второто полувреме – како од соништата за Вардар. Серија од 4-0 за прво водство на мечот, 16-17. Се до 42-та минута резултатот беше изедначен (21-21). Барселона продолжи да диктира брза игра со многу удари на гол и во таква игра домаќинот се снајде подобро. Имаше контрола на резултатот, секогаш во водство од два до три гола. Иако Вардар имаше неколку шанси да се приближи и целосно да се врати во игра, сепак во тоа не успеа. На крајот, сепак со борба до последната секунда, успеа да го намали резултатот и да доживее минимален пораз, 31-30.
Кај Вардар, најпрецизен беше Горбок со 9 гола од 13 обиди, а забележителен беше и Тоскиќ со 4 гола од исто толку обиди. Кај домаќините, незапирлив Жалу со неверојатни 12 гола од 15 обиди и е најзаслужен за триумфот. нашиот репрезентативец, Кире Лазаров, немаше своја вечер и постигна само еден гол од 9 обиди.
По овој пораз, Вардар паѓа на второто место во групата, зад Барселона, но веруваме само за кратко. Веќе за 7 дена, во Скопје, Вардар има шанса за реванш над Барселона и со евентуална победа, ќе се врати на врвот на табелата.