Изминатиот викенд започна втората фаза – плејофот и во женската СКОПСКО Супер лига. Во оваа завршна фаза ќе се натпреваруваат 5 екипи: ЖРК Металург, ЖРК Вардар, ЖРК Вардар Јуниор, ЖРК Куманово и ЖРК Пелистер.

Во првото коло се сретнаа екипите на ЖРК Металург и ЖРК Куманово, како и ЖРК Пелистер и ЖРК Вардар Јуниор, додека екипата на ЖРК Вардар беше слободна. На првиот натпревар помеѓу ЖРК Куманово и ЖРК Металург подобра и поуспешна екипа беше екипата на Металург која на гостински терен во Куманово успеа да слави и да ги запише своите први 3 бода на табелата во оваа фаза. ЖРК Вардар Јуниор пак, на домашен терен ја совлада екипата на ЖРК Пелистер 32:18.

ЖРК Куманово – ЖРК Металург 20:38 (9:17)

ЖРК Куманово на овој прв натпревар на домашен терен, пред својата публика претрпе убедлив пораз од екипата на ЖРК Металург, 20:38. Екипата на Металург одлично го отвори натпреварот и во текот на целиот натпревар држеше контрола врз резултатот и во ниту еден момент не дозволи противникот резултатски да се доближи и да се доведе до прашање победникот на овој натпревар. Најефикасни во составот на Металург беа Белеска со 10, како и Јовановска и Стојковска со по 6 погодоци, додека од екипата на Куманово како најдобар поединец се истакна Пејовска која постигна 8 голови.

ЖРК Вардар Јуниор – ЖРК Пелистер 32:18 (23:8)

Како и екипата на Металург, така и ЖРК Вардар Јуниор дојде до првата победа во оваа завршна фаза од нашето најсилно ракометно натпреварување. Вардар Јуниор на домашен терен дојде до убедлива победа над екипата на ЖРК Пелистер 32:18. Домашната екипа имаше константно водство во текот на целиот натпревар, а највисокото беше +15 (22:7). Уште пред истекот на првите 30 минути, веќе се знаеше победникот на оваа средба, па преостанатите 30 минути беа само формалност. Од екипата на Вардар Јуниор како најефикасни се истакнаа Ѓеоргиевска со 6 и Митова со 5 голови, додека од екипата на Пелистер Трпковска Надица со 6, Жупан со 4 и Талевска со 4 голови.

 

Во второто коло кое е предвидено за викендот кој следува, ќе се сретнат екипите на: ЖРК Металург – ЖРК Вардар Јуниор, како и ЖРК Вардар – ЖРК Куманово. Екипата на ЖРК Пелистер во ова второ коло е слободна.