Во рамките на натпреварувањето во СКОПСКО женската Супер лига, утре ќе се сретнат екипите на ЖРК Металург и ЖРК Вардар 2. Екипата на ЖРК Металург на домашен терен ја пречекува екипата на Вардар 2. Ова е нивни прв меѓусебен дуел во овогодинешното натпреварување. И двете екипи се без пораз во досегашниот дел од првенството, па токму овој дуел е од големо значење и за двете екипи, кои се борат за првото место на табелата. Натпреварот е закажан за утре (6.11.2015) со почеток во 16 часот, а ќе се одигра во спортската сала во Автокоманда.

Тимот на МакРакомет, во пресрет на овој „дерби“ натпревар, имаше можност да поразговара со пивотот на ЖРК Металург, Марија Николиќ која ни ги изнесе своите очекувања.

Николиќ: „Ова е натпревар во кој ќе се сретнат двете екипи кои моментално се борат за првото место на табелата во овој регуларен дел од првенството. Многу добро се познаваме со екипата на Вардар 2 со оглед на тоа дека ова ќе биде петти наш меѓусебен дуел досега, а прв во овогодинешното натпреварување. Ги знаеме нивните добри, но и лоши страни кои ќе се обидеме максимално да ги искористиме. Јас сметам дека овој натпревар ќе го добие екипата која ќе биде помотивирана, поконцентрирана и која ќе ја посакува повеќе победата. Искрено се надевам дека тоа ќе бидеме токму ние.“

Од екипата на ЖРК Вардар 2, поразговаравме со капитенот на екипата, Маја Трпковска која го изјави следното:

Трпковска: „Натпреварот против Металург, сметам дека е од големо значење за нас, бидејќи се бориме за првото место на табелата. Ова е наш прв меѓусебен натпревар, кој го играме на гостински терен и заслужено го добива епитетот големо дерби. Нашата екипа е спремна, сите ќе дадеме се од себе и нека победи подобриот“

*За сите љубители на ракометот влезот на овој натпревар е слободен.