Денес ракометарките на ЖРК Вардар ќе го пречекаат германскиот тим на Битигхајм во СЦ „Јане Сандански“, се со цел да се вратат на победничките патеки во Лигата на шампионите и да го запечатат првото место во групата.
После разочарувачкиот пораз од Мец, вечерва ракометарките на ЖРК Вардар ќе мора да ја поправат својата игра и да ги намалат техничките грешки, доколку сакаат да издвојуваат победа. „Црвено-црните“ се фаворите на овој натпревар, со оглед дека на првиот натпревар на гостувањето во Германија, вардарки издвојуваа убедлив триумф од 26:38.
Германките ќе сакаат да приредат изненадување, но Радичевиќ изјави дека нема да им дозволат:
„Поразот од Мец дојде во вистинско време за да не летаме, туку да се разбудиме пред клучните битки. Мое мислење е дека Мец одигра идентично на двата натпревари со нас, но ние многу грешевме, не бевме на посакуваното ниво и затоа загубивме. Мораме да ја вратиме позитивната енергија против Битигхајм, противникот ќе сака да приреди изненадување, но ние нема да им дозволиме такво нешто.“
Исто така тренерот на ЖРК Вардар, Ирина Дибирова очекува триумф за запечатување на првото место во групата, а кај германскиот состав како клучен елемент го посочи нападот „7-6“.
„Победивме на гостински терен против овој ривал, но не забораваме дека во првото полувреме воопшто не ни беше лесно. Тие се незгоден ривал со својата игра „7-6“ во нападот, но ги анализиравме и максимално подготвени ќе го дочекаме натпреварот.“
Натпреварот започнува од 19:00 часот, со директен пренос на МРТ.