Ракометарките на ЖРК Вардар конечно по три години триумфираа во салата „Морача“ во Подгорица, над вечниот ривал Будуќност со 28:31. Во еден цврст и неизвесен натпревар, нашите ракометарки покажаа поголема концентрација во финишот на натпреварот, која донесе голема победа и зацврстување на првата позиција во групата.
Одлично го отворија натпреварот, со цврста одбрана и сигурен напад, веќе во 15-та минута од натпреварот водеа со 5:10. Солидна предноста, која за кратко се стопи, по тајмаутот на тренерот на Будуќност, Драган Аџиќ. Следуваше серија да домаќинките од 4-0, и доближување на само еден гол разлика во 18-та минута, 9:10. Денеска нашите бекови беа расположени и со мини серија, предводена од Лакрабер и Дамњановиќ повторно се одвоија резултатски, 12:15. Но, одбраната на „црвено-црните“ немаа решение за Кристина Неагу, која придонесе за изедначување на резултатот 16:16, со кој се замина на полувреме.
Во второто полувреме вардарки немаа решени за нападот на Будуќност, кој за кратко време им донесе солидно водство од 20:17. Дејвис се обиде со неколку ротации да ја најде вистинската комбинации во обдраната, но некако фалеше некоја ракометарка да повлече во нападот. Промената на одбраната од 6-0 во 5-1 со Радичевиќ, ја отсекоа Негау во нападот, а Лакрабер повлече во нападот со неколку погодоци по ред и веќе во 53-та минута, ЖРК Вардар поведе со 26:27. Во завршните минути, вардарки одиграа една цврста одбрана и беа максимално сконцентрирани во нападот. Одлично се одбранија од нападот на Будуќност, а Лекиќ и Радичевиќ тоа го казнија со погодоци, за конечни 28:31 и голема радост на сите љубители на македонскиот ракомет.
Дополнителна сигурност во играта на ЖРК Вардар, повторно имаше Амандин Лејно, која одигра солиден натпревар и кога беше најпотребно ја спушташе ролетната на голот.
Најефикасни на натпреварот беа Пенезиќ со 8 и Лекиќ со 7 постигнати погодоци, додека кај домаќините беше Кристина Неагу со 10 погодоци.
*Следен натпревар во ЛШ е на 4-ти фебруари во Скопје, каде вардарки ја пречекуваат екипата на Мец.