Денес од 15:00 часот, ракометарките на ЖРК Вардар му гостуваат на францускиот шампиони Мец во рамките од претпоследниот натпревар од главната фаза во Лигата на шампионите. По минатонеделниот пораз од Будуќност во Скопје, на вардарки овој натпревар им е можност повторно да се вратат во победнички ритам и со победа да ја зачувуваат лидерската позиција во групата пред елиминаторната 1/4 финална фаза во ЛШ.

Мец ќе бара одмазда за поразот на првиот дуел во Скопје со 23-21, но има и притисок да го обезбеди 4-то место, кое исто така носи пласман во топ 8 фазата. На првиот натпревар ракометарките на Мец им создадоа многу проблеми на „црвено-црните“, кои како што изјави тренерот на Вардар, Давид Дејвис тие се веќе решени, но сепак предупредува дека денеска во Франција ги чека тешко гостување.

„Ние сме први и досега изгубивме само еден натпревар. Во Лигата на шампионите сите натпревари се тешки и понекогаш играме подобро, а некогаш не. Но тоа е така. Против Мец на домашен терен имавме многу тежок натпревар, не бевме добро подготвени за нивната одбрана 3-2-1, но сега го исправивме тоа. Имаме голема желба за победа. Мислам дека на овој натпревар притисокот ќе биде кај Мец. Во Скопје одиграа добро, но сега играат дома и од нив се очекува победа. Се разбира, ние сакаме победа исто така, затоа што со оваа победа имаме шанса да останеме први во групата. Добро трениравме, концентриурани сме и подготвени за натпреварот со Мец. Ќе биде тешко, тоа е сигурно“ – изјави Дејвис.

*Директен пренос од натпреварот на МРТ1.