Ракометарките на ЖРК Вардар не успеаја да ја освојат титулата во Лигата на шампионите, загубија од екипата на Ѓер со 27:26. Во еден тежок и неизвесен натпревар, со две продолженија „црвено-црните“ немаа среќа за да се разделат со титула.
Вардарки со тешки нозе го започнаа натпреварот, каде што уште на самиот старт дозволија ракометарките на Ѓер да поведат минимално со 2-3 погодоци. Се играше цврсто во одбраната и без технички грешки во нападот, но резултатот и минималната предност не се менуваше, бидејќи на голот Лејно и Гримсо одлично го чуваа својот гол. Предност која ја одржуваа се до самиот крај на првото полувреме, кога вардарки конечно ги казнија грешките на унгарките и го израмнија резултат. Дури и поведоа, но сепак на полувреме заминаа со резултат 9:9.
Ништо поразлично не беше и во второто полувреме, се играше цврсто и внимателно на двете страни. Се менуваше минималното водство се до последниот свиреш на судиите, кога на семафорот резултатот беше 20:20. По што следеа два пати по 5 минути, во кои на крајот нашите ракометарки немаа среќа и во зицер ситуација не успеаја да го израмнат резултатот за да го решат пеналите победникот.
Ова финале ќе остане во историјата како едно од најинтересните и највозбудливте натпревари, во кое за жал вардарки останаа поразени.
Грот со 8 и Аморим со 8 погодоци беа најефикасни во тимот на Ѓер, а кај ЖРК Вардар блесна Лејно со 18 одбрани, а најефикасни беа Лекиќ со 6 и Радичевиќ со 4 погодоци.