Вечерва ракометарките на ЖРК Вардар гостуваат кај екипата на Митјиланд, последната пречка на патот до завршниот турнир на Лигата на шампионите во Будимпешта. Екипа која е апсолутен аутсајдер на овој двомеч, но одлично мотивирана после успехот на Скејрн во машкиот дел од ЛШ против екипата на Веспрем.

Вардарки оваа сезона се надеваат дека можат да стигнат до посакуваната Европска титула, но најпрво треба да го елиминираат тимот на Митјиланд. Десното крило, Јованка Радичевиќ се надева дека Вардар ќе одигра добро во одбраната и ќе ја спречи брзата игра на противникот, со што би си ја олесниле работата за остварување на позитивен резултат.

„Не очекува тежок натпревар. Митјиланд е екипа која игра максимално во текот на сите 60 минути, сепак добро е што реваншот го играме на домашен терен. Во Данска го играме само првото полувреме од овој двомеч, во кое мораме да бидеме максимално сконцентрирани. Мораме да одиграме добро во одбраната и на високо ниво, не смееме да правиме грешки, со кои тие би доаѓале до лесни голови. Тоа е начинот на кој тие функционираат и по што се препознатливи. Се надевам дека ќе го испочитуваме договореното и со добра одбрана ќе им помогнеме и на нашите голмани“ – изјави Радичевиќ.

Натпреварот започнува од 19:00 часот, со директен пренос на МРТ