Ракометарките на ЖРК Вардар попладнево од 18:00 часот во „Ласло Пап арена“ ќе излезат на мегдан со дебитантот Ростов во второто полуфинале на завршниот спектакл во сезоната во елитното клупско натпреварување на ЕХФ.

За „црвено-црните“ ова ќе биде 5-ти пат досега да ја нападнат шампионската титула во Лигата на шампионите. Досега беа четири пати одвраќани, трипати во полуфиналето и еднаш во финалето. Но, тоа е веќе минато. Денеска по многу нешта се разликува од престојните, особено фактот дека е последен за актуелниор ростер на ЖРК Вардар пред најавеното летно распрскување „секоја на своја страна“.

Желни за титулата, ракометарките ќе го дадат својот максимум за да ја завршат оваа Вардарова приказна и запишат во историјата на македонскиот ракомет.

Пред себе го имаат дебитантот на Ф4 турнирите во Лигата на шампионите, Ростов Дон. Екипа која има силен и искусен ростер, предводен од Булатовиќ која сигурно ќе биде најголема опасност по голот на Лејно. Желни за голем успех, ќе обидат да се спротистават на вардарки кои се фаворите на овој натпревар, но само на лист хартија.

Првото полуфинале е од 15:15 часот, каде ќе се сретнат екипите на ЧСМ Букурешт, победник во ЛШ во 2016 година, и актуелниот првак Ѓер.

Натпреварот помеѓу ЖРК Вардар и Ростов Дон ќе се емитува директно на МРТ, од 18:00 часот.