Трета година по ред, ЖРК Вардар е меѓу 4-те најдобри екипи на стариот континент. Минимален пораз на реваншот од Ларвик со 28-26, доволен за пласман на завршниот турнир во Будимпешта.

Вардар мечот го почна цврсто, како да немаше предност од 14 голови разлика од првиот меч во Скопје. Сепак, и домаќинот сакаше со триумф пред своите гледачи да ја заврши сезоната, па со голем елан го започна дуелот, и веќе во 6-та минута поведе со 4-1. Но Вардар и на овој меч, како впрочем цела сезона, на својот гол ја имаше Амајдин Лејно. Французинката фати се што беше мопжно, па и невозможно, и им овозможи на соиграчките со серија од 5-0, да го свртат резултатот во своја корист (4-6, 14-та минута). До крајот на полувремето, се играше изедначено, при што Вардар постојано имаше целосна контрола над резултатот и на полувремето се замина со резултат 11-13.

Во вториот дел гледавме убав ракомет, со разновидни напади на двете страни, со извонредни одбрани на голманките (пред се на Лејно). Но победникот од двомечот секако, никогаш не дојде во прашање. Вардар попушти малку во темпото, и Ларвик тоа го искористи, да го сврти резултатот во своја корист, на максимални +4, реултат кој го имаше на неколкупати во последните 15 минути од дуелот, последен пат во 58-та минута (28-24). До крај вардарки постигнаа уште 2 гола, за конечни 28-26.

Најпрецизни кај Вардар беа Радичевиќ со 7, пред Лазовиќ и Пенезиќ со 5, и Лекиќ со 4 погодоци. Најдобра сепак беше Лејно со дури 17 одбрани. Кај домаќинките најпрецизна беше Теа Морк со 7 гола.

Вардарки сега со нетрпение ќе ја очекуваат ждрепката на 12-ти април, за да го дознаат својот противник во полуфиналето. Кој и да биде противникот, ова ќе биде нивен трет меѓусебен дуел сезонава, имајќи во предвид дека сите 4 екипи од групата на Вардар се пласираа меќу 4-те најдобри (Ѓер, Букурешт, Будуќност).

Фајнал 4 турнирот ќе се одигра во Будимпешта, на 7 и 8 мај.