Екипата на ЖРК Вардар денес го игра натпреварот од 7-то коло во Лигата на шампиони. Противник е германскиот првак, Турингер.
Турингер во моментов е на 5-то место во групата со 2 бода помалку од четвртопласираниот Мец, па денешниот дуел има големо значење за нив. Со евентуално изненадување и триумф, Турингер ќе остане рамноправен во борбата за пласман во 1/4 финалето.
Левата страна на Турингер е посилниот дел од екипата. Почнувајќи од средниот бек Лузумова, која е движечката сила на тимот, преку левиот бек Нидервисер и левото крило Хоуте – тоа се првите три стрелци за Турингер во досегашниот дел од лигата. Кога на тоа ќе се додадат и искусните Агилар, Шмелцер, Енгел и Планета, станува јасно дека тоа е сосема солидна екипа.
Затоа Вардар денес нема да има лесна задача, и покрај евидентната разлика во квалитет. Сепак доколку сака триумф, Вардар не смее да ја повтори играта од минатиот викенд и дуелот со Мец. Мора да одигра многу поконцентрирано и потечно во нападот и уште во првиот дел од натпреварот да покаже дека сепак е подобар противник и заслужено во моментов се наоѓа на првото место во својата група.
Мечот е со почеток во 14:00 часот, со директен пренос на МРТ 1.