Во исклучително изедначената по квалитет група Д од Лигата на шампиони, за пласман на едно од првите две места задолжителни се победите на домашен терен. Особено, ако кога не се користат можностите за освојување на по некој бод на гостински терен. Во таква ситуација е Металург.
Откако во последните две кола забележа два минимални порази, победа над Баја Маре е императив за младите металурзи. И иако на гостувањето загубија минимално, во Скопје нема да биде лесно да се дојде до позитивен резултат. Впрочем, овој тим на Металург, кој сосем јасно е во процес на создавање, не влегува како фаворит во ниту еден меч сезонава.
Мечот со Баја Маре пред 7 дена покажа дека се работи за екипи со сличен квалитет. Поради финансиските проблеми не е извесно со кој тим ќе настапат Романците, имајќи во предвид дека на првиот меќусебен дуел во екипата не беа одличните Афитулин и Острушенко, со кои Баја Маре е многу подобра и поквалитетна екипа. Металург имаше проблеми да го сопре нивниот најдобар играч, крилото Иванчик, и во недела ќе мора да посвети повеќе внимание на него, како и на левиот бек Рамбе. Тие двајца заедно постигнаа повеќе од половината голови за Баја Маре.
За триумф на овој дуел, Металург треба да продолжи да ја игра својата игра. Сезонава Металург игра феноменално во одбраната. Брзо се движат, Червар ги ротира доволно играчите во одбрана, и тоа му овозможува постојана свежина. Дополнително, на голот Дупјачанец е се подобар, и тоа му дава дополнителна сигурност на тимот. Проблемите на Металург и понатаму се во играта во напад. Играчите мора да го ослободат Јанко Божовиќ од притисокот и да придонесат повеќе. Особено во недела, кога сосема е јасно дека целиот фокус ќе биде на Божовиќ. Кузмановски е се подобар, и во ситуација кога Мраковчиќ сеуште не целосно опоравен, очекуваме тој да добие уште поголема минутажа во нападот. Нема сомневање дека Матиќ ќе го даде својот придонес, но за успех, време е конечно да проработи Талески.
Од авион се гледа дека Талески игра под грч и не прикажува онолку колку може. Во одбраната е добар, но во нападот исклучително лош, Покрај тоа што прави многу грешки, Талески шутира ретко, а и тогаш кога шутира, тоа го прави многу лошо, речиси секогаш по средината на голот, неговите удари се лесен плен за противничите голмани. Македонската јавност знае дека Филип може, дека знае, и затоа очекува конечно тој да проработи. Покрај него, и останатите млади ракометари мора да бидат целосно сконцентрирани при реализацијата. Ова особено се однесува на Маџовски, кој изминативе две кола промашува чисти шутеви, нешто што мора да го сведе на минимум.
За крај, за победа на Металург, публиката би била од огромна помош. Затоа, вистинските фанови на Металург, во недела треба во што поголем број да ги исполнат трибините на СЦ Борис Трајковски, и да му ја дадат неопходната поддршка на својот тим.