Само 7 дена по неверојатниот натпревар во Скопје, Веспрем и Вардар ќе го одиграат вториот дуел во рамките на групата Ц во Лигата на шампионите. Веспрем ги освои двата бода на дуелот во Скопје, и сега е на чекор до освојување на првото место во групата. Се што му е потребно е победа на домашен терен со Вардар, и практично ќе биде завршена трката за првото место во групата, кое носи исклучително полесен противник во 1/8 финалето.

Но Вардар нема да се предаде. Јасно и недвосмислено, стручниот штаб и играчите кажуваат дека целите сезонава остануваат највисоки, пласман на Фајнал 4 турнирот. Во тој правец е и најновото засилување, шпанецот Македа (кое сеуште не е официјално потврдено), кој ќе му се приклучи на Вардар по паузата која следи во јануари заради светскиот шампионат во Катар.

Но дотогаш, Вардарци ќе мора да се снајдат и без него. Без да се потценуваат другите противници, од двата дуели на гостински терен, со Веспрем и Рајн-Некар Ловен (во последното коло) ќе зависи пласманот на Вардар во групата, каде пласман на едно од првите две места е исклучително битен за нокаут дуелите.

Вардар е пред невозможна мисија во сабота. Веспрем на домашен терен е практично несовладлив. Тоа го почувствува и Вардар во дуелот од СЕХА лигата, кога Веспрем доминираше во текот на целиот меч, и забележа убедлива победа. Но ЛШ сепак е нешто друго. Тоа го покажа и екипата на Монпелје, пред две кола, кога загуби само со гол разлика во Веспрем.

Се е кажано за нашиот противник. Впрочем, сите имавме можност да се увериме во силината на оваа екипа, особена на играта во одбрана, можеби една од најдобрите кои сме ги гледале во минативе години. Згора на се, Веспрем веројатно ќе биде засилен и со Ласло Наги, кој не одигра ниту една минута на мечот во Скопје. Вардар пак патува ослабен, без повредените Горбок и Стоилов, но со Абутовиќ, кој треба да даде дополнителна цврстина во одбраната.

Она што е сигурно, е дека во сабота ќе гледаме уште еден меч на две големи екипи. Се надеваме дека овој пат, Вардар ќе излезе од мечот како победник. Натпреварот е со почеток во 16.30, со директен пренос на Алфа ТВ.