Вардар во последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната во СЕХА-лигата ќе го пречека Веспрем, натпревар кој добро ќе им дојде на двете екипи како подготовка пред 1/8 финалните натпревари во ЛШ.

Овој натпревар ќе биде далеку од дерби, бидејќи и двете екипи немаат што да променат во поглед на позицијата на која се наоѓаат на табелата во СЕХА лигата. Јасно е дека двете екипи ќе ги чуваат силите за следните натпревари во ЛШ и воедно двајцата тренери ќе имаат шанса да го изротираат тимот и да им дадат шанса на оние играчи што не се најстандарни, се со цел да ги поштедат своите најдобри играчи за престојните 1/8 натпревари во Лигата на шампиони.

Веспрем е единствениот тим сезонава без пораз во СЕХА лигата, а во ЛШ добро се сеќаваме кога во Скопје победи со гол во последната секунда. Па со оглед на тоа вардарци би сакале да се одмаздат за тој несреќен пораз и воедно да им го нанесат првиот пораз во ова натпреварување.

Во составот за денешниот натпревар ќе го нема Матијаж Брумен, а неизвесни се и Алем Тоскиќ, Михаил Чипурин и Алексеј Растворцев кои се пожалија на ситни повреди.

Натпреварот Вардар – Веспрем ќе се одигра вечерва од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“, со директен пренос на Алфа ТВ #СоСрцеЗаВардар