Македонската спортска јавност остава уште еден викенд зад себе кој беше исполнет со настапи на наши клубови во Европската Лига на Шампиони, а надополнет и со настап на нашата фудбалска репрезентација. Да ни кажеше некој пред неколку години дека денес секој викенд ќе гледаме како нашите најдобри клубови настапуваат во најквалитетното европско натпреварување, најверојатно сите ќе помислевме дека е убава фантазија која за жал нема врска со реалноста.

Но кога се вложува, се работи како што треба тогаш резултатите ќе дојдат. Иако зад нас оставаме викенд во кој за жал ниеден од нашите три претставници не оствари ниедна победа сепак е викенд кој ни овозможи два фантастични мечеви, кои мора да се признае беа вистинско уживање да се гледаат за секој искрен вљубеник во ракометната игра. Иако ни машкиот, ни женскиот тим на Вардар не ни донесоа победа против тимови од калибарот на Веспрем и Будуќност кои без скромност може да се каже дека се меѓу најголемите кандидати за освојување на титулата европски шампион на крајот на годината, сепак на ракометниот терен ни докажаа дека и ние имаме тимови кои се вбројуваат во таа група.

Доколку до овој викенд само помислувавме и потајно се надевавме сега можеме и јавно да изјавиме… и машкиот тим на Вардар и женскиот заслужуваат место меѓу најдобрите четири. И Македонија и нашиот вљубеник во ракомет кој ја познава секоја тајна на оваа игра, кој знае да го награди секој убав потег со аплауз, да го распали срцето на секој играч кога ќе излезе на терен и ќе ја види преполната сала која се тресе од громогласната публика заслужува конечно да навива за еден свој тим во мај во Келн. Претходната година имавме таква шанса преку настапот на Вардар СЦБТ, а машкиот тим беше запрен во последната секунда од тимот кој подоцна ја освои титулата тимот на Фленсбург. Оваа година мислам дека секој искрен навивач на ракометот се надева дека ќе добие шанса да ги види и двата тима таму.

Final Four е сеуште далеку, но дефинитивно и двете екипи на Вардар чекорат по правиот пат.
Убаво беше конечно да се види и полна сала кога се во прашање девојките. Иако пак изостанаа се чини оние кои им се најпотребни, Комитите. Полната сала потсети на деновите кога преполното Кале се тресеше по настапите на Кометал, кога 4000-та публика навиваше со срце и уживаше во бравурозните одбрани на Гордана Нацева, Луминица Дину, головите на нашата Индира, брзите како стрели Радулович и Ферзалиева, а подоцна и посвоената но сепак засекогаш сакана Наталија. Ги паметиме радостите од тие моменти кога Кометал предводен од Индира и Будимир ја донесе титулата во Кале. Мислам дека нешто е изгубено од тој момент, затоа што денешните девојки не се ништо поразлични од тогашните. Да можеби повеќето не се наши репрезентативки (дека имаме играчи кои вредат покажува Мирјета Бајрамовска), иако имаме неколку кои со право можат да речат дека ја задолжиле публиката како Николиќ, но сепак секоја од тие девојки игра до срце и дава се од себе на теренот во Јане Сандански. Зарем можеме да не се радуваме на бравурозните одбрани на Суслина и на Лејно, на асистенциите од кои ни застанува здив на Лекиќ, од феноменалните контри на Радичевиќ, или на головите и борбата на девојки како Пенезиќ и Лазовиќ. Секоја од нив можеби во срцето ја сака својата родна земја, но ја обожава и нашата затоа што се свесни дека тука добиваат нешто што го нема на ниедно друго место. Тука ја гледаат вистинската магија на ракометот. Тука не зборувам за нешто кое може да се види со голо око туку она невидливото кое го чувствува секој кој ќе излезе во сала во која има македонска публика. Онаа поддршка, искрена љубов која го тера секој играч да го извече најдоброто, да даде се што има и да се труди да даде повеќе, затоа што знае дека ова е ракометниот рај, затоа што гледа дека иако можеби не сме најбогата земја, ниту најубава, дека сепак сме земја која го има овој народ кој има скапоцена душа, кој знае да го цени убавото, трудот и борбата, кој знае да ја награди убавата игра. Затоа мислам дека овие девојки ја заслужуваат истата атмосфера како и машкиот тим на Вардар, како и Металург, заслужуваат салата да се тресе кога ќе влезат во неа, кога ќе се прочита нивното име, кога ќе го слават секој нивни гол. Затоа искрено се надевам дека ќе успеат да ја придобијат и подршката на Комити затоа што ја заслужуваат….

А што да се каже за машкиот тим на Вардар освен она нашето познато АХХ пак ли…
Мислам дека кај многу навивачи на Вардар и општо вљубеници во ракометната игра кои го проследија натпреварот пред своите ТВ приемници финишот на оваа средба пробуди спомени од минатогодишното четвртфинале и оние трагични последни минути со Фленсбург. Проследивме меч како што и се очекуваше, борбен до самиот крај, со жестоки дуели во одбраната, одлични одбрани на Арпад и на Миклер, но и виртуозни потези на Карачиќ и на Илиќ. Видовме игра која дава оптимизам пред се поради карактерот кој по којзнае кој пат го демонстрираа ракометарите на Вардар, борба до последна секунда, без предавање, без преценување на противникот. Тоа ги донесе до онаа последна минута кога го имавме нападот и моментот на одлука, со оној пенал на Брумен. Можеме да жалиме за делот од секундата во која Стоилов ја стапна линијата пред својот шут кој ќе ни донесеше два разлика, а потоа и за пеналот и шутот на Брумен кој заврши со одбрана на Миклер и над стативата. Победата на нашиот вицешампион беше на дофат, но сепак на крајот изостана поради сопствени грешки кои сигурен сум дека нема да се повторат. Овој тим на Вардар има физиономија, има квалитетен ростер и одлични играчи на секоја позиција, и одличен тренер на клупа така што мислам дека нема за што да се стравува. Овој пораз боли, но сепак не е страшен и е лесно надохнадлив можеби веќе наредниот викенд кога Варадр ќе гостува во Унгарија… Кога можел еден Хамбург да падне во својата сала тогаш Вардар е кадарен да го стори истото и со Веспрем. Вардар има се што е потребно, а на реваншот можеби ќе ја има и фортуната на својата страна како што Веспрем ја имаше во Скопје…

За крај на овој текст го имаме и Металург. Тимот којшто е наша гордост во изминатите 3-4 години сега е на крстопат. Кризата која го зафати нашиот тим е повеќе од очигледна и се гледа дека остави голема трага. Вчера нашиот тим истрча со состав кој беше составен од 13 македонски играчи и младиот Гукиќ, состав кој со правилна работа и тренинзи, во нормална ситуација би бил и повеќе од рамноправен за противник од рангот на Ла Риоха. Но и состав кој е далеку од она што деновиве се очекува од тим од рангот на Металург. Навистина е штета да се гледа како еден просечен тим си поигрува со немоќта на нашиот тим, по онаа фамозна 40 минута кога нашите ракометари паднаа на физички план. Ако има една добра работа, тоа е што сега за Металург во оние натпревари кои останаа најмалку пет ќе настапуваат играчи кои за два месеци ке се обидат на Македонија да и донесат нешто што сите го посакуваме – настап на Олимпијада. Ако ништо друго со правилна работа и со настапи овие играчи треба да ја достигнат онаа форма која сите ја познаваме и ја очекуваме од нив. Се под тоа ќе биде големо разочарување за искрениот вљубеник во ракометот кој иако ја поддржува нивната борба за средствата кои чесно ги заработиле и кои Господинот Јорданов не смееше да не им ги исплати затоа што сите знаеме дека се пари кои ги има… Не можеме да не ја критикувама и политиката на клубот која е најзаслужна за тешката ситуација во која сега се најде тимот на Металург но и сосема недолжна и Македонската Репрезентација. И токму од тој аспект мојата критика би дошла до нашите репрезентативци. Да, тие имаат полно право да се борат за она што го заработиле, но не смеат никогаш да дозволат тоа да ги загрози интересите на нашиот нацинален тим од кој тие се неизоставен дел. Одлуката да се штрајкува, да се критикува тренерот кој иако можеби не е најдобар карактер на светот но сепак е најзаслужен за она што тие денес претставуваат и со своите методи на работа и своето знаење ги направи неколку класи подобри ракометари од порано е одлука која во никој случај не би можел да ја поддржам. Сведоци сме на ситуации во кои и други клубови минувале низ слични проблеми (ситуацијата со тимот на Хамбург), но сепак ракометарите во тие тимови го носеле дресот на тимот со гордост и се бореле до последен момент. Затоа и тие се вистински ценети не само во тој тим и од навивачите туку и во својата земја и целиот ракометен свет. Ако им треба пример нека го запрашаат Лацковиќ, сега можат да го најдат лесно. Екипата на Хамбург беше во финасиска криза, пред финасиски колапс, најверојатно Лацковиќ и останатите ракометари сеуште имаат финасиски побарувања кои не им се исплатени но во ниеден момент не слушнавме дека тие се одлучиле на штрајк или на бунт против тимот и тренерот. Напротив чесно си ја завршиле својата работа и затоа се онаму кај што се. Помеѓу најдобрите на светот. Затоа што тие знаат дека со штрајк најмногу губат самите и тие како ракометари и нивната репрезентација која зависи од нивните настапи. Затоа што кога ќе го облечат националниот дрес се должни да дадат сто и десет насто од она што го имаат и да се потрудат да дадат повеќе. Тоа е она што е за критика кај сите тринаесет македонски репрезентативци кои го носат дресот на Металург. Синоќа видовме сите тринаесет ракометари кои физички не се спремни да изиграат 60 минути во исто темпо, кои се склони на падови и физички и психички. Видовме тринаесет играчи кои моментално играат со 30-40% од своите можности. Дел е од незадоволство но најмногу е од нивното решение да се решат на најлошиот можен начин на кој еден спортист да го бара она што му следува. Од тој штрајк загубија сите, но најмногу загубија самите ракометари и нашата репрезентација…

До Катар има доста време цели два месеци кои сега треба да се искористат најдобро што може за овие играчи да ја вратат формата преку настапите во Сеха и во Лигата на Шампиони. Искрено се надевам дека во Металург ќе има разрешница на крајот на сезоната, потајно се надевам разрешница кој би ги оставила и нашите играчи и Лино во иста комбинација иако тоа е решение кое сега засега не се гледа на хоризонтот. Како и да биде се надевам дека Металург ќе си го поврати стариот сјај за наредната сезона, затоа што силен Металург и е потребен на Македонија.
За натпреварот нема што многу да се каже освен да се работи и да се извлече поука. Во моментов победи подобриот иако боли кога мислам дека секој ракометар на Металург е свесен дек Ла Риоха е една просечна екипа која до пред неколку месеци беше далеку од рангот на Металург исто како и тимовите на Загреб и Брест, затоа што вистински ривали од оваа група беа ПСЖ И КИЛ но тоа беа други времиња во тимот од Автокоманда, кои сега се далечни исто како и месечината… Тие не се недостижни но треба многу труд и работа…

Тоа е мојата приказна, испраќаме викенд кој ни донесе одличен ракомет, донесе радости и разочарувања но и донесе добра поука и ни го покажа патот кон иднината…

Автор на текстот е Кочо Трајчевски.