Со спектакуларниот триумф над Висла Плок, ракометарите на Вардар втора сезона едно по друго се пласираа во четвртфиналналето на ракометната Лига на шампиони. Втора сезона по ред, Вардар има само уште една пречка до остварување на зацртаната цел – пласман на завршниот турнир, Фајнал 4 во Келн.

Впрочем, македонскиот ракомет и фановите ширум државата трета година ќе се надеваат дека оваа балканска држава ќе има свој преставник во полуфиналето. До сега, Металург не беше успешен 2 пати (Киелце и Кил), и Вардар една (минатогодошниот несреќен пораз од Фленсбург). Дали оваа година ќе бидеме успешни, останува да видиме. И иако, по извонредната игра минатиов викенд, популарно е да се вика „Не е битно кој ќе ни биде противник во наредната рунда“, ние во МакРакомет сакаме да бидеме реални, и да кажеме дека сепак, не е сеедно.

Барцелона, Кил, Киелце и Веспрем. Тоа се можните противници на Вардар. И, ако сепак можеме да бираме, јасно е дека Киелце е најпосакуваниот противник.

Полјаците имаа извонредна сезона до сега во Лигата на Шампионите. Првиот пораз го забележаа дури на последниот меч, и тоа на домашен терен од Монпеље, но дури откако во првиот меч на гостински терен, практично си обезбедија пласман во следната рунда (со триумф од 4 разлика). Значи, квалитетот е несомнен. Екипата од клупата ја предводи легендарниот Талант Душебаев, па потенцијалниот „дуел“ Алекс – Талант, го прави овој противник уште поатрактивен за Вардар. Играчки, Киелце делува импресивно. Тоа практично е полската репрезентација, освојувач на бронзата на СП во Катар (Бјелицки, Јурецки, Лијевски), засилена со неколку феноменални интернационалци (Агинагалде, Зорман, Чупиќ, Муса, Бунтиќ, Штрлек). И иако Килце има сезона од соништата до сега, полскиот шампион се чини за најдобар избор во споредба со останатите.

Кил е вистински дрим тим кој како одминува сезоната само ја подигнува формата. Дувњак, Екберг, Јиха, Клајн, Лауге Расмус, Палмарсон, Вујин, Кањелас, се само дел од играчите во ростерот на германскиот првак, кој е еден од главните фаворити за титулата. Дополнително, Кил е последниот германски претставник, па тешко е да се очекува дека на завршниот турнир во келн, германија ќе остане без своја екипа.

Барса е следниот потенцијален противник. Збир на неверојатни играчи има во составот на шпанскиот првак, кои ја подигаат формата со секој поминат меч, што беше евидентно во осминафиналето, кога го демолираа Алборг. Нема што ново да се каже за екипата чија бековска линија ја сочинуваат Лазаров, Рутенка и Карабатиќ. Кога тука ќе се додадат и еден куп шпански репрезентативци предводени од Виктор Томас, потоа голманот Шариќ, Данецот Нодесбо, јасно е зошто Барса е еден од фаворитите за големото финале.

Веспрем е последниот можен противник на Вардар. Во тој потенцијален дуел, не се очекуваат никакви тренерски, ни играчки изненадувања. Причината е проста. Само сезонава, Вардар и Веспрем веќе одиграа 4 меѓусебни дуели (во СЕХА и ЛШ), па евентуален дуел меѓу нив би бил решен од моменталната форма, од момент на инспирација на некој играч и слично. Сепак, и покрај убедливиот триумф на Вардар во нивниот последен дуел во СЕХА, јасно е дека годинава Веспрем има тим за почит, тим за Фајнал 4 и би бил фаворит во дуелот со македонскиот претставник. Се работи за моќен, интернационален тим составен од Унгарци (Миклер, Наги, Лекаи, Иванчи), Шпанци (Чамо Родригез, Руезга, Гарсија Угалде), со извонредни играчи од бивчите Ју простори (Илиќ, Сулиќ, Маргуч, Алиловиќ), како и Германецот Цајц и Швеѓанецот Нилсен. Ростер за почит.

И да не бидеме погрешно сфатени.

Вардар нема лесно да се предаде против никого. Вардар цели на Фајнал 4! Независно од противникот.

Ако ја покаже играта од реванш дуелот со Висла, како и од дуелот од СЕХА лигата со Веспрем, Вардар ќе може да се натпреварува со секого.

Па сепак, малку среќа нема да е на одмет.