По сигурниот настап и убедливиот триумф над Тунис, денес репрезентацијата на Македонија го игра мечот од второто коло на СП. Противник е репрезентацијата на Иран. Дебитантот на светските шампионати, Иран е најголемиот аутсајдер во групата Б. Но, тоа никако не смее да ги залаже нашите репрезентативци.
Иран неколку години работи на создавање на квалитетна селекција. Веќе подолг период, селектори на оваа се селекција се познати европски тренери, и тоа почнува да дава резултати. Така со шпанскиот тренер Рафаел Гуихоса, на азискиот шампионат минатата година, Иран го освои првиот медал во својата ракометна историја, што покажува дека долгогодишната работа конечно почнува да дава резултати. Бронзен медал, кој воедно им го донесе и пласманот на светското првенство.
Растот во квалитет се виде и на мечот од првото коло, кога Иранците ги намачија Босанците. Особено беа импресивни во првото полувреме, кое го добија со резултат 12-16. Но во второто полувреме не успеаа да најдат одговор на цврстата игра во одбрана на противникот. Најпрецизен кај Иран беше Есеки со 7 постигнати голови.
Иран допатува на првенството со желба да се пласира во 1/8 финалето на шампионатот и по поразот од Босна, денес ќе се обидат да дојдат до позитивен резултат. Дополнително, оние кои ги гледале нивните настапи се убедени дека Иран ќе изненади барем една од европските репрезентации. Но, тоа не може и не смее да биде Македонија. Македонија на мечот од првото коло покажа брилијантна игра. Игра на репрезентација која знае што сака и знае како да дојде до тоа. Денес очекуваме рамноправна минутажа да добијат сите репрезентативци, со цел сочувување на силата за понатамошните дуели.
Сите сите сме уверени, дека македонските ракометни репрезентативци без ниту грам потценување ќе влезат во мечот и рутинира игра ќе извојуваат сигурна победа.
Мечот се игра во Ali Bin Hamad Al Attiya арената, со почеток во 17:00 часот, со директен пренос на МРТ 1.