Во пресрет на првиот натпревар на СП во Катар, против репрезентацијата на Тунис, нашето десно крило Гоце Георгиевски посочува дека не се слични репрезентациите на Тунис и Алжир, туку напротив многу различни и дека ќе биде многу тежок натпревар.

„Веќе гледавме видео со натпревар меѓу Тунис и Русија. Можам да кажам дека Тунис и Алжир се повеќе различни отколку слични. Прво Тунис има поквалитетни играчи од Алжир. Потоа, играат многу грубо во одбрана, да не речам секој старт им е за исклучување и затоа многу ќе зависи од критериумот кој ќе го воспостават судиите на натпреварот. Имаат доста искусни играчи, така што може да биде сѐ, само нема лесно да поминеме“ – изјави Георгиевски.

„Ни годи тоа што дојдовме малку порано, времето е топло имаме одлични услови и се подготвуваме за почетокот. Не сме прошетале нешто посебно за да го разгледаме градот, но од тоа што го видовме си потврдивме дека земјава е многу богата. На секој чекор нешто се гради, дали некоја зграда, улица, или некој објект – сѐ е ново. Салите се навистина модерни. Вчера трениравме во онаа каде што ќе играме против Тунис и навистина е убава. Не сме ги виделе сите делови од неа, но тоа што ние го користиме е со сите нишани, од соблекувалните до фитнес-салите, собите за масажа. Хотелов во којшто сме сместени исто така е фантазија, јас не знам дали има нешто лошо или промашено во Катар. А сега со Светското првенство е и многу живо, има многу луѓе, имате чувство како да има по еден човек од секоја нација на светот“ – заврши Гоце Георгиевски.