Квалитетот на македонскиот ракомет од година во година е се поголем. Впрочем, на Балканот важиме за една од земјите која најмногу инвестира во развојот на ракометот. Тоа го потенцираат и сите релевантни новинари и познавачи на ракометот во регионов.
Пред одреден период и ние го пофаливме подемот на македонскиот ракомет, кој особено во последните 2-3 години што на грбот на успесите на Металург и Вардар, што на ентузијазмот на одредени спортски работници, многу напредуваше и вложуваше во младите категории, сè со цел за неколку години да добиеме квалитетни македонски ракометари и квалитетно македонско првенство. Ако треба некако да сумираме, во последните 3 години, македонскиот ракомет доби:
- Учество на европските шампионати во младинските категории и во машка и во женска конкуренција, по многу години отсуство.
- Одлични млади ракометари од школата на Металург, од пионери па се до младинци, кои се костурот на сите младински репрезентации и во машка и во женска категорија.
- Тинекс Пролет (најмладиот состав во македонскиот шампионат) со напорна работа и трпение, веќе го стигна својот прв сон, пласман во Челинџ Купот.
- Зомимак-М секоја година се подобар, работата со нашите ракометари искомбинирано со 2-3 странци го достигнаа својот врв оваа сезона, пласман во СЕХА-лигата.
- Првиот тим на Вардар, можеби не е плод на македонски ракометари, но затоа вториот тим Вардар 2 кој го предводи Пепи Манасков, оваа сезона се приклучи во Супер лигата. Екипа која има одлични млади играчи кои некои од нив веќе се дел од младинската репрезентација.
- РК Радовиш го врати ракометот во Радовиш, па Радовишани со нетрпение го чекаа секој нов натпревар на домашен терен – нешто што е за голема пофалба, клуб кој одлично им парираше оваа сезона на сите екипи.
- РК Пелистер по сите проблеми конечно се стабилизира, но и покрај сите проблеми оваа сезона докажа дека имаат квалитет и млади талентирани ракометари.
Работи кои се одлични, со оглед за колку време сето ова се оствари. Работи кои не треба да застанат тука, туку да продолжат понатака, да се инвестира во развојот на македонскиот ракомет, во македонските клубови и во македонските играчи. Да се помогне во однос на организацијата на клупско ниво и да се обезбедат подобри услови за работа, со што не се сомневаме дека за 2 години, ќе имаме едно јако првенство со одлични македонски ракометари и одлична репрезентација во сите категории. Не треба да се заборави и финансиската конструкција односно силни спонзори кои ќе се подготвени да инвестираат, да базата од македонски ракометари се засилува со врвни странски засилувања.
Но, последните случувања во македонскиот клупски ракомет малку не загрижија.
- Зомимак-М откако обезбеди пласман во СЕХА-лига наредната сезона, не почна да размислува за да обезбеди подобри услови на работа за ракометарите, за средувања на проблемите кои одборот од СЕХА-лигата им ги посочи да ги средат, дотолку сакаат да играат во нивната лига, туку почна да носи просечни ракометари од странство во својот клуб. Со тоа најавите на клубот дека во Зомимак ќе игра најквалитетното од македонскиот ракомет, веднаш паднаа во вода.
- Металург после сите проблеми, колку толку остана на нозе и благодарение на ЕХФ доби вајлд карта и ќе игра во ЛШ следната сезона. Но, очигледно управата на Металург повторно си игра со играчите и љубителите на овој клуб. Во текот на сезоната донесоа (пот)просечни ракометари од странство (секоја чест на исклучоците како Војводиќ), на македонските таленти им ги скратија минутите, па нивниот напредок кој беше неопходен оваа сезона им беше стопиран. Заврши сезоната, најискусните си заминаа и кога сите очекуваа дека Металург ќе направи тим јак за ЛШ, сепак гледаме дека градењето на тимот оди навистина тешко. Ојлевски, Манасков, Раде Стојановиќ си заминаа, а ниту успеваат да донесат млади ракометари со потенцијал, ниту некои врвни засилувања, какви што се потребни за ЛШ.
- РК Пелистер и останатите клубови тргнаа исто по стапките на горенаведените клубови за жал.
Работи кои треба веднаш да престанат. Сите засилувања мора да бидат за класа поквалитетни со македонските ракометари. Само така ќе се дозволи младите македонски играчи да добијат соодветна минутажа и да напредуваат уште 1-2 години, по што ќе се добие цврста основа за репрезентативниот и клупски ракомет во државата. Раководствата на клубовите, но и навивачите, мора да сфатат дека, со оглед на состојбата во Македонија, едноставно НЕ МОЖЕ да се направи добар клуб преку ноќ. Тоа го можат само оние клубови зад кои стојат милионски суми на пари. Останатите мора да градат силни клубови со врвни услови за работа и со создавање на играчи во своите клубови. А таленти, видовме дека има.
За крај, последниве денови се објави дека наскоро ќе започне нов проект РК Работнички, клуб кој ќе биде реорганизиран во целосна смисла. Ќе бидат ангажирани нови луѓе во управата (се спомнуваат имиња од калибарот на Ристо Чокрев, Ванчо Димовски…) и нови ракометари за кои сеуште нема никаква информација. Нешто за кое се надеваме дека тоа ќе биде комбинација на македонски искусни и млади талентирани ракометари, кои ќе допринесе за подобар и поквалитетен македонски ракомет.