Ракометното дерби ‘Вардар vs Металург’ гледано низ мојте очи …

Добивме Македонското дерби да биде дерби и во Европа, нешто на кое сите се израдувавме и со големо нетрпение го очекувавме!

Така беше и со мене, пресреќен и со нетрпение чекав да дојдат тие два дена каде нашите ракометни гиганти ќе се пресметаат меѓусебно во Европа!

Место: Сала Борис Трајковски

Датуми: 14.11 и 24.11

Бев оправдано спречен да присуствувам на првиот нивни меѓусебен дуел, па нема да коментирам многу за него, ќе оставам да го прочитате текстот на @VidanaDeSign тука. Но затоа за второто дерби ќе ви напишам …

Да зависник сум од спорт, го сакам ракометот … ги следам сите нашите клубови од секој аспект … Си викате што ми е ?!? Што пишувам …

Но овој пат, татко ми пројави интерес да ги посети овие дерби натпревари,почна да му се враќа желбата да посети некој спортски настан. Добивам повик од татко ми, кој среќен ми кажа дека обезбедил две карти за второто дерби на нашите гиганти и да почнам да се спремам. Се супер, двајцата максимално расположени да одиме да гледаме ракомет, али онака потсвесно и двајцата знаеме за целата тензија што ја има тој натпревар и за сите работи што се случиле и што можат да се случат таму… Но двајцата го сакаме ракометот и одиме со позитивен став кон целата ситуација! Нормално, според сите случувања на првото дерби решивме да идеме порано за да влеземе на време и да си обезбедиме пристојно место за гледање. Картите ни беа Блок 1,2,3 ( Кај Комитите ).

Беше 17 часот, со автобус се симнавме на партизанска и тргнавме накај Сала… Врнежливо и ладно… но се осеќаше онаа топлина на толпата луѓе кои се упатуваа кон салата, среќни, распеани и со разни навивачки реквизите. Така и ние, одиме и уживаме во таа атмосфера. Дојдовме кај главниот влез од салата, нормално гужва … Полицајци еден куп кои направиле еден вид на инка, низ која еден по еден многу бавно влегуваа навивачите. Штом се доближивме до толпата луѓе кои чекаа, слушнав како еден полицаец се дере: “Сите со црвените карти, да одат на другиот влез!“

Си викам, еј супер се организирале малце подобро од претходно, и му реков на татко ми да одиме од другата страна, бидејќи од таму може да влеземе со нашите карти.

Тргнавме натака, и не пречекува истата слика, инка со многу полицајци и еден по еден пуштаат во неа, а да излезат од инката ( влезат во сала ) само 4 можности имаше … а салата има 8 такви влезови од таа страна. Застанавме во хаосот пред таа инка, фативме некој ред … Имаше луѓе од 9 до 99 години, машки и женски … сите дојдени да гледаат ракомет. Но тука почна целото патешествие …

Нема ред, сите насобрани ко сардини и сите стануваат тензични, бидејќи беше 17:45 часот, а надвор чекаат околу 300 луѓе. Почнуваат сите да го губат трпението, што е разбирливо, платиле за карта, а нема да влезат на време … Се движевме сите така стиснати но малце по малце кон почетокот на инката, за наеднаш да стапи на сцена СЕЉАЧИЗМОТ најпрво од луѓето што сакаа да влезат, па потоа од лицата кои се задолжени да редот и мирот пред салата:

-Почнаа луѓето со таквиот синдром, да буткааат, да применуваат сила, мислејќи дека така ќе дојде до влезот на инката и ќе влезе, патем не гледајќи дека пред себе гази деца, жени и мажи … почнаа со нивните национално/религиозни навреди ( нешто по малограѓанско од тоа нема! ).Среќа имаше повеќе разумен свет, па таквите не успејаа да предизвикаат тепачка пред сала.

Влеговме во средината на инката, не претресоа … и се упативме кај четирите излези за да влеземе во сала, каде повторно наидовме на гужва и расправии.

И таму истата песна, бутање и на самиот излез те пречекуваат специјалци кои арогантно те претресуваат повторно, и освен новчаник ништо друго не можеше да внесеш.. ( пред врата остана привезоци од клучеви, чадори, и стандарт парички, запалки и цигари ). Додека чекав татко ми да влезе, донесоа повреден полицаец ( на кој ногата му беше повредена, и остана мистерија дали се лизнал и паднал или во буткањето на луѓето оградата му паднала на ногата )…

Конечно влеговме внатре, го фативме таман почетниот свиреж на судијата, за разлика од другите 100 души кои чекаа да влезат. Атмосфера на ниво, али очигледно беше дека имаше пуштено во продажба карти плус од нормалното или пак влегле луѓе без карти, немаше каде игла да падне … се запрашав кај ќе влезат другите.

Немаше место и на крај седнавме на скалите измеѓу Блок 3 и Блок 4.

Почна натпреварот… Пробував целосно да се фокусирам на играта на ракометарите, но едноставно не можев …

Не пројдоа 5 минути кога на трибината наспроти мене се степаа луѓето меѓу себе, застрашувачки! До нас имаше еден млад дечко, кој би му дал совет да оди да посети психијатар, ако не во најлош случај да го сместат во “Иднина“ … Но ги занемарив сите тие работи, се сконцентрирав на теренот…

Ракомет не постоеше, дерби не постоеше …

Вардар се гледаше дека игра ко распашана команда, тоа беше одлик на тоа што немаа тренер, поточно бидејќи тренер беше Сергеј Самсоненко … да човекот е ок, го крена Вардар се … али те молам шефе остај ја таа работа на спортските работници. Жал ми падна за Бошковски, кој за време на тајмаутите, тој изгледаше како физиотерапефт, а не како привремен тренер на Вардар…

За разлика од другата страна, кај Металург се виде желбата за победа ( по секоја цена мораа да победат, за мирно да ги играат следните натпревари) … На чело со Червар и неговите мотивирани играчи заслужено си ги земаа двата бода.

п.с. За инцидентот на крајот од натпреварот немам коментар, само може да кажам дека уште еден човек со синдромот СЕЉАЧИЗАМ ! ! !

Автор на текстот е @topanskoboy