Со два извонредни настапи, и без пораз во четвртфиналните дуели со досегашниот европски првак Ѓер, ЖРК Вардар се пласираше на Фајнал 4 турнирот во Будимпешта. Во својата втора сезона, вардарки и втор пат се на завршниот турнир. Овој пат, целта е да се стигне барем чекор понатаму, а тоа е пласман во големото финале. Затоа и сите со нетрпение ја очекуваат ждрепката која ќе се одржи во Будимпешта, во вторник, со почеток во 11 часот.
Како што е веќе познато, на завршниот турнир покрај Вардар се пласираа и Динамо, Ларвик и Будуќност.
Ларвик и Будуќност на завршниот турнир доаѓаат без ниту еден пораз сезонава.
Норвешкиот шампион Ларвик е прв фаворит. Импресивни се 14-те победи во 14 мечеви на сезонава. Тимот, кој и лани беше силен, годинава делува застрашувачки. Предводени од Нора Морк, која игра во најдобрата форма досега, потоа Ригелут, Хамерсенг-Един и останатите, Ларвик ќе се обиде да ја однесе титулата во Норвешка.
Веднаш зад нив, со подеднакви шанси за титулата е црногорскиот Будуќност. Екипата има само еден нерешен резултат сезонава (со вардар во Скопје) и 13 победи. Со играчи како Булатовиќ, Неагу, Цвијиќ, Биздра, Мехмедовиќ, Петровиќ, Волтеринг, Црногорките годинава се решени повторно да дојдат до големото финале, но овој пат и да го освојат големиот пехар.
Сигурно најпосакуван противник во полуфиналето за македонскиот првак е Динамо-Синара. Рускиот првак се покажа како тежок противник за вардарки сезонава, но несомнено е подобар избор од Ларвик и Будуќност. Носени на грбот на извонредната Кочетова, со помош на Акопијан и Дмитриева, Динамо има одлична сезона зад себе и секој чекор понатаму ќе биде сензационален успех. Тоа може да биде и предност за рускиот тим.
И ЖРК Вардар е со свои сметки на завршниот турнир. Вардар игра се подобро. Формата на играчите е во нагорна линија. Се гледа и придонесот на Јан Питлик кој, заедно со Индира Кастратовиќ, има безмалку цел месец да ја подготви екипата за големиот предизвик. Затоа на крајот на денот, кој и да е противник во полуфиналето, Вардар ќе мора да го совлада на патот до зацртаната цел – титулата во ЛШ по цели 13 години да се врати во Скопје.
Ждрепката со почеток во 11:00 часот може да ја проследите во живо на ЕХФ ТВ на следниов ЛИНК