Трета победа во низа за ЖРК Вардар во Лигата на шампионите. Убедливи 35-25 во дуелот со Подравка. Но она што е поважно од убедливиот резултат, е видливото повисоко ниво во играта на Вардар. Одбраната беше цврста, многу поцврста од минатите мечеви. На моменти и груба, но се во границите на дозволеното. Дополнително, токму цвсртата одбрана е она што е клучно за успех.

Особено радува играта во напад. Вардар играше прецизно, разноврско, брзо. Крилата конечно почнаа да играат. Многу лесно создаваа вишок на крилните позиции и тоа нашите играчи и тоа како знаеа да го искористат постигнувајќи вкупно 15 погодоци. На овој меч видовме и комплетен новитет во играта на Вардар. Брзата транзиција и инсистирање на контра и полуконтра дури и по примен гол. И тоа не само што беше убаво за око, туку и беше многу успешно.

Дополнително, Индира одлично го водеше мечот. Правовремени замени, добра ротација на играчи што и резултираше со 12 различни стрелци кај ЖРК Вардар. Во ваков меч, тешко е да се истакне кој е најдобар. Сите придонесоа за оваа убедлива победа. Од извонредната и луцидна Лекиќ, преку феноменалните бекови Пенезиќ и Лазовиќ, и 4-те крила (Дембеле, Зебиќ, Черноиваненко, Радичевиќ), кои ја делеа минутажата во текот на мечот.

Се на се, одличен натпревар одиграа македонските шампионки вечерва во Скопје. Меч со кој Вардар прати порака до ракометна Европа дека мора да се смета на македонскиот првак во овогодинешната ЛШ. Победата над Подравка е извонредна најава пред дерби дуелот наредното коло против европскиот вицешампион Будуќност. Меч на кој конечно очекуваме исполнета сала и жесток притисок за победа и прво место во групата.