Екипата на ЖРК Вардар викендов конечно одигра натпревар како што се очекува од претендент за учество на завршниот турнир, па и освојувач на шампионскиот пехар. Убедлив триумф од 41-30 над словенечкиот шампион Крим, за враќање на победничките патеки. И уште поважно, за враќање на самодовербата кај ракометарките по слабиот настап и поразот од Лајпциг во претходното коло.

На мечот со Крим, особено импресивна беше играта во напад. 41 постигнат гол во најквалитетното клупско натпреварување е одличен успех. ЖРК Вардар целиот натпревар форсираше брза игра – брза транзиција, со брзо завршување на нападите секогаш кога имаше шанса. Затоа и не изненадува фактот што прв пат сезонава крилата беа најпрецизни на теренот.  Радичевиќ со 8 и Дембеле со 7 постигнати голови, конечно покажаа знаци на формата од минатата сезона. Солиден настап имаа и Лекиќ со 6 и Пенезиќ со 5 постигнати голови, а минутите на теренот максимално ги искористи Ихнева, која забележа 5 погодоци.

Но, да бидеме реални. Крим е убедливо најслабата екипа во нашата група. И кога од најслабата екипа ќе примите 30 гола, тоа покажува дека нешто не е во ред. Особено кога ќе се додаде и фактот дека голманот имаше 20-тина одбрани (Лејно беше феноменална и ќе значи многу за вардарки во преостанатите меќеви). Значи има многу простор за корекција.

Тренерот Кастартовиќ изјави дека ова е најдобриот меч на Вардар од кога таа е тренер на екипата. Ние не се согласуваме. Несомнено вардарки одиграа добар натпревар –веројатно најдобар сезонава, но сеуште се зад нивото кое го прикажуваа минатата година, особено во првата фаза на натпреварувањето. Но добро е што конечно гледаме раст во формата. Тоа е исклучително важно пред најтешкиот и најважниот меч до крајот на оваа групна фаза – наредниот викенд против екипата на Динамо Синара, во Волгоград. Тогаш девојките навистина ќе мора да одиграат најдобро до сега за да се вратат целосно во битката за едно од првите две места во групата, кои носат значително полесен противник во четврт-финалето.

Мечот со Динамо Синара за 7 дена ќе даде конечен одговор на прашањето – има ли Вардар квалитет да го повтори успехот од минатат сезона.

Мечот се игра во Волгоград на 15.02.2015 (недела), со почеток  во 14:00 часот.