Само 2 месеци по комплетниот рестарт на екипата на Металург мора да констатираме – стратегијата на Металург ги дава првите резултати. Иако е сосем извесно дека Металург многу тешко ќе стигне до едно од првите две места во групата, искуството кое младите играчи на Металург ќе го добијат со играњето во ЛШ е непроценливо.

Можеби младоста и неискуството се преголема пречка за успех сезонава, но едно е сигурно – Металург ја постави основата за иднината. Не смее да се заборави дека годинава, сериозна улога во тимот добија Талески (19 години), Кузмановски (19), Мраковчиќ (20), Костески (23), Маџовски (21), Пешевски (24), Петров (23), Палевски (18), Бувиниќ (23). Кога на ова ќе се додадат и Неловски (19, отсутен поради повреда, се очекува да се врати на терените во пролетната полусезона), Горан Крстевски (19) и Мартин Велковски (18) кои сеуште не добија шанса во ЛШ, јасно е дека Металург има добра основа, од која долгорочно нема да профитира само клубот, туку и македонската ракометна репрезентација. Впрочем овие играчи се костурот на младинската репрезентација на Македонија. Во овој контекст, дури сега се гледа колку многу фали неиграњето во СЕХА лигата која и тоа како ќе придонесеше младите ракометари да напредуваат дополнително.

За да може да растат во квалитет, на екипата и се потребни едно до две искусни засилувања. Клучот е тоа да бидат вистински засилувања, а не просечни играчи. Во тој контекст, за такво во екипата на Металург е само Божовиќ. Австриецот е втор стрелец во Лигата на шампиони и е од огромно значење за екипата. Дилеми остануваа за Матиќ, кој иако е втор стрелец во Металург, делува непостојано и понекогаш премногу троши топки и греши во одбраната. Најавите за потпис со Шпилер се добар правец за Металург, бидејќи се покажа дека во нападот екипата има страшни проблеми. За следната сезона да се задржи цел тим и да се донесат 2 екстра засилувања и Металург ќе биде конкурентен и во Европа, макар тоа била Б дивизијата на ЛШ

Кога се анализира Металург, неизбежно е да се анализира Червар. Често критикуван, прашање е дали друг врвен тренер би се нафатил да го води Металург со ваков ростер во ЛШ. И за тоа мора да му се симне капа. Најсилниот адут на Червар, односно на екипите кои ги водел, била играта во одбрана. И веднаш, и со овој тим, Хрватот изгради препознатлива игра во одбраната. Одлично движење и цврстина, која придонесе Металург да има до сега најдобра одбрана во ЛШ – со 22,8 примени голови по натпревар. Она за што Червар веројатно заслужува критика е играта во напад.

Генерално постои грижа кај навивачите на Металург дали Червар знае како да создаде напаѓачи. А со оглед на младиот ростер, токму тоа е потребно. Воопшто не се гледа напредок во играта во напад кај Талески, Кузмановски (Крстевски и Велковски сеуште немавме можност да ги видиме) и тоа може да е проблем. Металург во напад едноставно нема идеја. „Ball control“ стратегијата можеби и функционира кога во тимот има искусни индивидуалци со врвни квалитети, кои можат да го решат мечот (Миркуловски, Вугринец, Мојсовски, Атман и сл.). Со ваков млад ростер, тимот мора да игра значително подобро, а тоа до сега не го видовме. Исклучок се секако Божовиќ, кој го носи товарот на играта во напад и до некаде младиот Мраковчиќ, кој почна одлично, но повредата на раката беше причина да не го видиме во полн сјај во сите мечеви.

За крај, Металург, по 6 кола се наоѓа во незавидна положба. И исклучително тешко ќе биде да се пласира во бараж мечевите за пласман во 1/8 финалето во ЛШ. Но, тоа не смее да ги откаже ниту самите ракометари, ниту стручниот штаб, а најмалку раководството на клубот. Публиката ја препознава борбеноста, желбата кај младите металурзи и генерално концептот за создавање нови македонски ракометари и само прашање на време е кога трибините на СЦ Борис Трајковски ќе се повторно исполнети до последнно место.