Екипата на Металург очекувано е првиот финалист во Купот на Македонија, откако во првото полуфинале ја совлада екипата на Тинекс Пролет со резултат 20:24 (9:10). Металург го отвори резултатот со погодокот на Бувиниќ, но брзо врати и Димитриевски за почетно изедначување 1:1. Првото полувреме помина во рамноправна игра прикажана и од двата тима. Во последните минути од првото полувреме Металург имаше водство од +3, но ракометарите на Тинекс Пролет не се предаваа така лесно, па со серија од 2:0 ја намалија разликата на -1 (9:10).
Во второто полувреме имаше вистинска борба се’ до 45-тата минута кога со серија од 6 голови Металург успеа резултатски да се оддалечи 15:21. Во последните минути од натпреварот ракометарите на Тинекс Пролет успеаа да ја намалат разликата 20:23. Точка на овој натпревар стави Филип Талески кој го постигна последниот гол за Металург за конечни 20:24.
Најефикасни во составот на Металург беа Дарко Џукиќ со 5 и Марко Бувиниќ со 4 голови, а од противничката екипа Славиша Димитриески со 7 голови. Одлична партија прикажаа и голманите на двете екипи, Кимевски од Тинекс Пролет со 11 одбрани и Ефендиќ од Металург со 10 одбрани.
Во второто полуфинале ќе се сретнат екипите на Вардар и на Зомимак-М. Почетокот на овој натпревар е закажан за 19:30 часот со пренос на МРТ3 Собраниски канал.