Дербито од 5-то коло во женската ракометна Лига на шампиони се игра викендов во Скопје. Во недела, со почеток од 19 часот, во СЦ Јане Сандански ќе следиме дуел меѓу двата најголеми фаворити за пласман на Фајнал 4 турнирот во Будимпешта, Вардар и Будуќност.
Будуќност со досегашните настапи покажа зошто годинава веројатно е прв фаворит за титулата. Од првиот меч токму со вардарки, па се до последниот меч со Турингер во Подгорица, Будуќност беше доминантен и лесно излегуваше на крај со своите противници. Играта на Будуќност никого не изненадува. Тренерот Аџиќ ја форсира таа игра веќе неколку години – цврсто во одбраната, со прекршоци кои се секогаш на самата граница на дозволеното. Дополнително, со носењето на Булатовиќ, нападот на Будуќност стана неверојано убоит, со повеќе решенија на бековските позиции. Неагу, Булатовиќ, Кнежевиќ, Далби се вистинска ноќна мора за противничките екипи.
Но Вардар е во налет. Од коло во коло македонските шампионки играат се подобро, се посигурно и поцврсто во обраната и се поразновидно во нападот. Се виде тоа на мечот во минатото коло, против Подравка, кога девојките заиграа онака како што очекува од нив целата спортска јавност. Силно со чести прекршоци во одбраната, и исклучетолно брза транзиција и форсирање на контра и полуконтра по секоја цена. Ростерот на Вардар тоа и го дозволува на Кастратовиќ. Со Лекиќ во екипата која има феноменална прегледност и решение во секое време, Кастратовиќ може и мора да форсира брза игра. Извонредната бековска линија мора да биде на ниво, но крилата се тие кои ќе го решат натпреварот. Радичевиќ и Дембеле, како и Зебиќ и Черноиваненко треба да бидат сконцетрирани во играта и во одбрана и во напад. Премногу лесни голови прими Вардар од крилна позиција во мечот од првото коло и тоа не смее да се повтори. Уште поважна ќе биде улогата на крилата во напад. Доколку уште од самиот почеток бидат убоити и прецизни од крилните позиции, тоа несомнено ќе ги принуди гостинките да ја рашират играта во одбрана и со тоа да се создаде простор за Пенезиќ и Лазовиќ.
Она што е сигурно, во недела ќе гледаме жесток дуел. Дуел на кој на вардарки ќе им биде потребна поддршка од публиката повеќе од кога и да е. Затоа, да ја наполниме салата Јане Сандански. Да осетат конечно и ракометарките на Вардар што значи осми играч. Будуќност мора да падне. #СоСрцеЗаВардар