Веќе утре почнува 4-тото коло од машката ВИП Супер лига. Ова 4-то коло го отвараат екипите на РК Пелистер и РК Работнички. Во 4-тото коло од нашата најсилна лига не очекуваат доста возбудливи натпревари кои се надеваме дека ќе бидат полни со изненадувања.

Двојки за ова 4-то коло се:

  • РК Пелистер – РК Работнички

Пелистер како домаќин ја пречекува екипата на Работнички, која можеме да кажеме дека од натпревар во натпревар игра се подобро и подобро. По несреќниот и минималниот пораз од РК Вардар Јуниор, екипата на РК Пелистер, со поддршка од нивните верни навивачи, ќе се обиде да дојде до нова победа и нови 3 бода.

  • ГРК Борец – РК Вардар Јуниор

Екипата на Борец во улога на домаќин ќе се обиде да дојде до нови 3 бода и победа, овој пат против екипата на РК Вардар Јуниор која важи за една млада екипа која во составот има и неколку искусни ракометари. А, пак екипата на Вардар Јуниор после големата победа над Пелистер која е многу значајна за нив, ќе има можност да дојде до втора победа во низа и освојување на нови 3 бода.

  • РК Прилеп – РК Пролет

По победата над Металург 2 и моментално второто место на табелата, екипата на РК Прилеп се чини дека е во победнички занес. Тие ја пречекуваат екипата на РК Тинекс Пролет и имаат шанса за нов триумф и избивање на првото место на табелата. Сето тоа нема да биде нималку лесно, бидејќи скопјани доаѓаат со целосен состав. Како и во сите претходни дуели, очекуваме дека и овој натпревар ќе помине во рамноправна борба и ќе се прикаже одлична игра.

  • РК Радовиш- РК Охрид

Се очекува еден тежок и незвесен меч, бидејќи и двете екипи имаат досега по 2 порази претрпено во првенството. Екипата на Радовиш ја има улогата на домаќин на овој натпревар и се чини дека токму заради тоа е и во блага предност. Но, екипата на РК Охрид оваа сезона се засили со неколку значајни имиња од ракометот, па со оглед на тоа очекуваме еден пред се одличен и неизвесен натпревар.

  • РК Металург 2 – РК Металург

Натпревар во кој двете екипи на Металург ќе си го одмерат силите. Натпревар во кој првиот тим на Металург ќе му биде добредојден како еден вид на јак тренинг, пред неделниот натпревар на гости кај Скејрн.