Незгоден пораз за ЖРК Вардар во последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Конечни 21-20 за Турингер во тежок и неизвесен дуел, до самиот крај. Во борба на нерви, Германките на крајот победија и заслужено се радуваат на триумфот над големиот противник.
Од самиот старт се навестуваше тежок дуел. Мечот почна со цврста игра во одбраната кај двете екипи, што резултираше со мал број на голови. По почетното водство од 3-1 за Турингер, се стабилизира играта на Вардарки и следевме целосно изедначен меч. Резултатот беше изедначен се до 20-та минута, кога вардарки ја зедоа контролата во свои раце, и на играта и на резултатот. Тоа резултираше со предност од 2 гола предност на полувремето, 10-12.
Очекувавме Вардарки да продолжат силно и на почетокот на второто полувреме и да го решат победникот уште во овој дел од мечот. Но, откако поведовме со 14-11 и имавме два напади за +4 (вклучително и промашен пенал), настапи неверојатен пад во играта на нашиот шампион. Немоќта во играта во напад ја искористија домаќинките и целосно се вратија во мечот, до водство од 16-15 во 46-та минута од мечот.
Тајмаутот на Кастратовиќ дојде во вистински момент. Со голот на Зебиќ од пенал, ја сопревме серијата од 5-1 на домаќинките, и се до крајот гледавме цврст и изедначен дуел. Го бркаа водството од гол разлика Вардарки се до 58-та минута, кога при нерешен резултат 20-20, Зебиќ промаши пенал. До крајот реализираа еден напад домаќинките за голема победа 21-20.
Голманот Краузе со неверојатни 20 одбрани е најзаслужна со триумфот на Турингер. Кај Вардар Суслина со 11 одбрани беше стандардно добра, а во нападот се истакнаа Лазовиќ и Пенезиќ со по 5 постигнати погодоци. Исклучително лошо одиграа сите наши крила, промашувајќи огромен број на чисти позиции.
Непријатен е овој пораз за Вардар, кој наместо очекуваните 5, во следната рунда ќе пренесе само 3 бода и ќе му претстои тешка и неизвесна битка за пласман на Фајнал 4 турнирот. А таму покрај Будуќност и Турингер од нашата група, ќе вкрстиме и со Лајпциг, Динамо Синара и најверојатно Крим Меркатор. Иако треба да се одигра уште еден меч (Динамо Синара е апсолутен фаворит во дуелот со Хипо), најверојатниот изглед на новоформираната група ќе е:
Будуќност 7
Динамо Синара 6
Лајпциг 4
Вардар 3
Крим Меркатор 2
Турингер 2
Следи пауза во натпреварите во Лигата на шампионите, заради Европското првенство. Доволен период за анализа на сработеното, санација на повредените играчи, и продолжување на битката за што подобар пласман во новоформираната група во Лигата на шампионите.