Македонија го претрпе првиот пораз на овој светски шампионат, губејќи од Хрватска со 29-26. Селекторот Ивица Обрван е свесен за пропустите во играта на македонскиот национален тим, но воглавно е задоволен од прикажаната игра на денешната средба.

„Честитки до селекцијата на Хрватска на заслужената победа и одличниот натпревар, нивни најдобар меч досега на овој мундијал. Исто така би им честитал на моите играчи за одличниот меч, големото залагање против една џиновска одбрана. Во првото полувреме бевме достоен ривал, но потоа Хрватите создадоа дополнителен притисок врз нашите бекови, промашивме неколку зицери, со што им овозможивме да стигнат до убедлива предност. Мило ми е што во ваков меч во кој водевме четири, па губевме пет, ние покажавме карактер за каков-таков камбек, бидејќи најчесто овие мечеви одат во друга крајност и убедлив пораз. Не е ни чудно што Никола Маркоски промашува во вакви ситуации со оглед на премалата минутажа што ја имаше во клубот, но јас верувам во него и знам дека во иднина ќе биде уште подобар. Треба да разбереме дека не игравме против Иран, туку против Хрватска, селекција што ја натеравме да игра најдобро што може за да стигне до победата. Пред нас е мечот против Австрија кој е многу важен, имаме два дена да се подготвиме, да ги отстраниме грешките што ги направивме и со нова победа да го освоиме посакуваното второ место на табелата“ – изјави Ивица Обрван.

Извор: www.ekipa.mk