Не паметам кога последен пат некој селектор на машката ракометна репрезентација имал толкава поддршка, каква што има сегашниот – Ивица Обрван. Во тој контекст, како никогаш досега, нема реакции по објавувањето на списокот на играчи на македонската ракометна репрезентација за првите два квалификациони мечеви за ЕУРО 2016, во Полска.
Па еве јас се прашувам, можеше ли селекторот да објави подобар список. Поточно, вистинското прашање е, можеше ли да биде похрабар во изборот на играчи? Јасно ми е дека и тој, и Федерацијата се’, ама апсолутно се’, ставаат на СП во Катар, т.е пласман во ¼ финалето и место во квалификациите за Олимписките Игри во Рио, но нивна должност е да имаат долгорочна стратегија за националниот тим.

И затоа, пак си се прашувам. Можеше ли Обрван да направи похрабар избор на играчи?

Еве на пример, мене никогаш не ми стана јасно, зошто во репрезентацијата се викаат Филип Лазаров и Златко Мојсовски. И не, јас не ги прифаќам муабетите од типот „ај не се праи будала со сила, се знае која е причината“, „се знае кои им се браќа“ и слични будалаштини. Бидејќи ако е така, Обрван треба да си замине веднаш. Мислам, да се разбереме, ако за Филип нема место ни меѓу првите 16 играчи во Вардар во ЛШ, ако Златко игра во РК Прилеп, а притоа и двајцата не може да се каже дека се надежни (Златко има 33, Филип во април ќе наполни 30), овие играчи не треба да имаат место во репрезентацијата. Од останатите, на тој список на играчи кои не треба да се во репрезентацијата е и Никола Марковски. Никола ниту игра за Металург, ниту пак има некој потенцијал кој може да се развие во врвен квалитет.

И ако Никола Марковски речиси сигурно нема да биде на списокот од 16 играчи кои ќе играат на овие два меча, Филип и Златко се извесни.
Тогаш кои други 3 играчи ќе испаднат? Моја претпоставка е дека тоа ќе бидат голманот Ангелов, Талески и Неловски.
И тука повторно се враќаме на основното прашање – може ли Обрван да биде похрабар? Имено, ако веќе во тимот имаме играчи кои нема да придонесат со повеќе од 5 минути по натпревар, тогаш зошто тие играчи да не се младинци, кои секако за две или помалку години, ќе мора да ја преземат улогата на носители на играта на репрезентацијата. И да, некој ќе рече дека ни Нелоски ни Талески не играат во Металург, но тие се де-факто иднината на македонскиот ракомет. И мора да бидат дел од репрезентацијата, за да во блиска иднина имаме колку-толку побезболно подмладување на репрезентацијата. Дополнително што таа позиција ни е дефицитарна, и ние и на овие квалификации и на СП во Катар ќе играме без лев бек и со сила, на таа позиција ќе се ротираат Прибак, Мојсовски и Миркуловски.

За Талески и Нелоски немам дилема. Исто како што сметам дека требаше во репрезентацијата да се викне некое младо десно крило, кој ќе му би замена на Гоце Георгиевски. Од Супер лигата во овие 6 кола се истакнува Костески од Металург 2 (22г.), над 7 голови по натпревар во последните 3 кола во домашната лига.

Требаше да се оди и чекор понатаму, и наместо на поширокиот список да се повикуваат играчи како искусните Митков и Мајнов, требаше да се најдат уште играчи од младинската/кадетската репрезентација на Македонија. Според мене, Мартин Манасков, Дрогишки, Велковски, Давитковски. Би го оставил на списокот Димитриевски (за кој мислам дека е време да заигра за репрезентацијата за да го видиме на дело во МК) и Пешевски (кој од она малку што го имам гледано мислам дека има физички предиспозиции за да стане добар пивот, но за да напредува мора да замине од Металург во странство).

Но, јас не сум селектор, За жал :). Целата одговорност за успехот лежи кај селекторот и раководните луѓе во федерацијата. Јас само се прашувам дали тие имаат коцепт, визија за репрезентацијата по СП во Катар. Ако случајно таму доживееме неуспех, ќе бидеме сведоци на целосен распад на националниот тим. Ќе треба да се гради репрезентација од нула, а сите знаеме колку е тоа тешко и колку време тоа ќе трае.

Автор на текстот е @kapetan_taki