Во натпреварите што се одиграа во рамките на четврт-финалето од Купот на Македонија, екипата на ЖРК Металург се пласираше во полуфиналето. Се одиграа два натпревари, на кои домаќин беше токму екипата на ЖРК Металург.
Во првиот натпревар што се одигра на 09.04.2015 година во спортската сала во Автокоманда, се сретнаа екипите на ЖРК Металург и РК Кожувчанка од Штип. На овој натпревар улогата на фаворит ја имаше домашната екипа, што се покажа како точно, а за тоа сведочи и конечниот резултат од средбата 49:20 (20:10). Натпреварот помина во фер и коректна игра, во која победникот стигна до победата без поголеми напори. Најефикасни на овој натпревар беа Саздовска од Металург со 8 погодоци и Стојанова од Кожувчанка со 12 постигнати гола.
Во вториот натпревар кој се одигра денес со почеток од 11:30 часот, повторно домаќинот беше поуспешен од гостинската екипа на РК Овче Поле од Свети Николе и со тоа си обезбеди место во полуфиналните натпревари за освојување на Купот на Македонија. Како и на вчерашниот, така и овој натпревар помина во апсолутна доминација на избраничките на тренерот Петровски, а за тоа најдобро сведочи и крајниот резултат 36:20 (22:7). Најефикасни на овој финален натпревар беа Саздовска со 8, а од противничката екипа Китановска со 7 погодоци.