РК Струмица го претрпе и шестиот пораз оваа сезона во рамките на 8-то коло во СЕХА лигата, на гостувањето кај Нексе. Натпревар во кој неспремноста и немоќта да се одиграат цели 60 минути на едно ниво, си го направи своето. Со што првата победа на струмичани останува мистерија и желба и после ова коло.
Ракометарите на РК Струмица добро го започнаа првото полувреме, во првите 10 минути водството на двете екипи се менуваше наизменично. За во следните 20 минути, ракометарите на Нексе континуирано водеа со 1-2 гола разлика, со што на одмор се замина со резултат 12:10.
Почетокот на второто полувреме не смени ништо во играта на двете екипи, струмичани го бркаа минималното водство на Нексе, се до 45-та минута кога хрватите се стегнаа повеќе во одбраната и одиграа разновидно во нападот и со мини серија се одлепија со 19:14. За потоа ракометарите на РК Струмица да не можат да го следат тоа темпо, со што им го олеснија финишот на Нексе, кои максимално го искористија тоа и успешно го оддржаа водството и го зголемија за конечни 23:17.
Најпрецизни во стумичкиот состав беа Чизмовиќ со 5 и Везенковски со 4 погодоци, додека во другиот табор најпрецизен беше Халиковиќ со 5/5 постигнати погодоци.