Завршија натпреварите од 10-тото натпреварувачко коло од ВИП машката Супер лига. Натпревари кои го одбележаа ова коло, полно со изненадувања беа: РК Металург – РК Вардар Јуниор, РК Металург 2 – ГРК Борец, РК Охрид – РК Работнички, РК Пелистер – РК Прилеп, РК Радовиш – РК Тинекс Пролет. Вистинска борба, но и изненадување се случи во Охрид, домашната екипа успеа да слави над Работнички нанесувајќи му го третиот пораз сезонава. Покрај овој натпревар, одличен натпревар и неизвесен до самиот крај следевме во Автокоманда, помеѓу екипите на РК Металург 2 и ГРК Борец кои ги поделија бодовите.
Во продолжение следува поединечен детален преглед на секој натпревар од ова 10-то коло од ВИП машката Супер лига.
1) РК Охрид – РК Работнички
Во натпревар за второто место на табелата, екипата на РК Охрид на домашен терен успеа да слави над екипата на РК Работнички. Домаќините први дојдоа до водство на овој натпревар +2, а дури во 16-тата минута дојде до првото изедначувањена натпреварот 4-4. Со оглед на тоа дека за само 17 минути и двете екипи имаа постигнато по 4 голови, следевме еден крајно интересен, полн со изненадувања и возбудувања натпревар. РК Охрид успеа на крајот на првото полувреме да дојде до водство од +3 и со предност да го започне вториот решавачки дел, 12:9. Веќе во второто полувреме предноста на охриѓани се зголеми на +5, 15:10. Искусните ракометари на Работнички го доведоа натпреварот со неизвесен крај, приближувајќи се на -1 на 5 минути пред крајот на натпреварот. Поконцентрирани и посигурни беа домашните ракометари кои успеаа да го зголемат своето водство на +4, за конечни 24:20. Најефикасни на овој натпревар беа Вражалица од РК Охрид со 8 постигнати погодоци и Илиќ и Никола Маркоски од РК Работнички кои постигнаа по 5 погодоци.
2) РК Радовиш – РК Тинекс Пролет
На домашен терен, екипата на РК Радовиш дојде до своја нова победа, овој пат победувајќи ја екипата на РК Тинекс Пролет. РК Радовиш повеќе ја посакуваше победата, па заслужено ги освои трите бода на домашен терен. На почетокот на натпреварот се водеше вистинска борба, се до моментот кога со одлична игра во нападот и одбраната РК Радовиш успеа да дојде до водство од +7, 13:6. Сепак, ваквиот резултат како да ги пробуди гостите, па тие успеаа за неколку минути да ја преполоват разликата на -3, 13:10. Сепак екипата на Радовиш успеа да ги задржи тие +3 до крајот на полувремето 14:11. Во второто полувреме, радовишани успеваа да ја одржуваат својата предност од 3 гола, но во еден момент таа се искачи и дојде до +6, 26:20 и 28:22. Конечниот резултат на ова средба беше 30:25. Најефикасни на овој натпревар беа Илиев со 12 и Ордев со 8 голови од РК Радовиш, како и Мајнов, Јанев и Стојановски од РК Тинекс Пролет кои постигнаа по 5 голови.
3) РК Металург – РК Вардар Јуниор
По неколкуте несреќни порази во Лигата на шампионите, на РК Металург му останува да се бори во македонското првенство, во кое моментално се наоѓа на врвот на табелата без ниту еден пораз оваа сезона, по одиграни 10 кола. Во ова 10-то коло, екипата на Металург на домашен терен ја пречека екипата на Вардар Јуниор. Очекувано, подобар противник беше домашната екипа. Металург оствари убедлива победа од +9, 27:18 за зацрвстување на првото место. РК Металург имаше водство во текот на целиот натпревар, не овозможувајќи му на противникот да се понадева на изненадување. Предноста на Металург во еден момент дојде и до +10, 19:9. Сепак крајниот резултат на оваа средба беше 27:18. Најпрецизни на овој натпревар беа Божовиќ со 7 и Костески со 6 голови од екипата на Металург и Андоновски со 5 голови од екипата на Вардар Јуниор.
4) РК Металург 2 – ГРК Борец
Екипите на РК Металург 2 и ГРК Борец од Велес, во натпревар од 10-тото коло од ВИП машката Супер лига успеаа да ремизираат и да го завршат натпреварот без победник и со тоа да го поделат бодовите, 26:26. Младите ракометари на Металург 2 има за што да жалат, бидејќи во последните секунди пропуштија да дојдат до својата прва победа оваа сезона. Во текот на првото полувреме, младата екипа на Металург 2 постојано беше во водство, дури во еден момент +6, 10:4, но гостите од Велес успеаа да ја преполоват предноста, 11:8, 12:9. Овие 3 гола предност, Металург 2 успеа да ги зачува се до крајот на првото полувреме, 13:10. Во второто полувреме, Металург 2 имаше контрола над резултатот и играта на гостите, се до 57-тата минута кога за прв пат на натпреварот екипата на ГРК Борец успеа да го изедначи резултатот, 25:25. Во последните 3 минути од натпреварот се играше гол за гол, 26:25, 26:26. Младите ракометари на Металург 2 го имаа последниот напад за победа на овој натпревар, но не успеаа да го реализираат. Крајниот резултат на овој натпревар беше 26:26. Одлична партија пружи младиот Димитриоски од РК Металург 2 кој постигна 11 голови, а од екипата а ГРК Борец најпрецизен беше Мачелов со 8 постигнати голови.
5) РК Пелистер – РК Прилеп
Последниот натпревар од ова 10-то коло од ВИП мапката Супер лига се одигра во Битола, каде што домашната екипа на РК Пелистер ја пречека екипата на РК Прилеп. Поуспешна и подобра екипа вчера беше екипата на РК Прилеп, која успеа да слави со 26:28. Во воведните минути од натпреварот, домашната екипа одлично се снаоѓаше и имаше минимално водство се до моментот кога РК Прилеп со одлична игра дојде до изедначување 5:5, а потоа и до прво водство 5:6. Со серија од 5 голови во завршните минути од првото полувреме, РК Прилеп го зголеми своето водство, 8:13, а двете екипи на заслужен одмор заминаа при резултат 10:14. Во второто полувреме, целосна контрола врз резултатот имаше гостинската екипа, која постојано беше во водство од 3 до 5 голови. Во последните моменти од средбата, РК Пелистер дојде до -2, но за конечни 26:28. Најефикасни беа Николиќ од РК Пелистер со 5 голови и Ангеловски од РК Прилеп со 7 голови.