Безидеен, дезорганизиран, немотивиран. Со еден збор, слаб. Таков беше ЖРК Вардар во првото коло од Лигата на шампионите. И два дена по одиграниот натпревар, ракометната јавност зачудено се прашува: Што се случуваше со Вардар на дуелот со Ѓер?

ЖРК Вардар трета година по ред настапува во Лигата на шампионите. И трета година, стартува со највисоки амбиции. Овој пат, веројатно со најкомплетен ростер како на терен, така и во стручниот штаб. Затоа и овој пат, очекувањата за титула се најреални.

Играчки Вардар го задржа речиси целиот тим од минатата сезона и дополнително се засили со Дамјановиќ и Човиќ, со што ростерот дополнително доби на ширина во бековската линија и на позицијата пикер, она што јасно беше проблем за Вардар и минатата сезона. Но на дуелот со Ѓер не видовме ништо.

Лекиќ, Пенезиќ и Лазовиќ се однесуваа како прв пат да играат заедно. Премногу технички грешки и ниту една уиграна акција. Невоиграноста може да биде оправдување само за Дамјановиќ, и рака на срце тоа се гледаше. Дополнително, бековската линија немаше никаква соработка со пикерот, како што ја немаше ни минатата сезона. Алтхаус очигледно е одлична во одбраната, но слаба во нападот. Другиот пивот, Човиќ, имаше мала минутажа и прерано е да зборуваме за нејзините квалитети. Ни крилата не беа ништо подобри. Целосно отсечени при позиционен напад, Дембеле и Радичевиќ шутираа од неизградени позиции.

Најдобар играч кај Вардар беше Амајдин Лејно. Французинката беше феноменална. Бранеше извонредно. Но се беше залудно. Одбраната беше очајна. Немаше добро движење, немаше блок, немаше прекини, фаули, немаше жестина во дуелите со феноменалните играчи на Ѓер.

Индивидуалните квалитети на Лекиќ, Пенезиќ, Лазовиќ, Радичевиќ, Хмирова, Дембеле, Сокич, се неоспорни. Тогаш, каде е проблемот? Логичниот одговор веќи дека тоа е стручниот штаб. Но и таму, како и на теренот, се чини дека „индивидуалните квалитети“ на тренерското дуо Кастратовиќ-Питлик се неспорни. И ако за Индира Кастратовиќ често се водат полемики дали е доволно добар тренер, иако нема дилема дека знае ракомет, за Питлик таа дебата ја нема. Човекот е еден од најголемите стручњаци на денешницата, и со ваков тим треба да игра многу, многу подобро.

Тогаш каде е проблемот? Дали во тоа што не се знае кој е прв тренер на клубот (тајм-аутите ги водеше „помошникот“ Питлик, а не првиот тренер Кастратовиќ), дали Лекиќ-Пенезиќ-Лазовиќ не можат да играат заедно (првата сезона и без класичен шутер Вардар играше најдобар ракомет), дали фактот дека нема квалитетен пивот, или можеби нешто сосем друго што јавноста не може да го види. Одговор може да имаат само во раководството на клубот. И се надеваме дека многу брзо ќе го најдат. Точно, ова е само еден меч, но подобро е алармите да се запалат веднаш, пред да биде предоцна. Оваа сезона, женската Лига на шампиони е најјака и најизедначена од сите последни години. И вардарки ќе го немаат тој луксуз и со слаби настапи да стигнат до Ф4, како што го направија тоа минатата година.

И за крај, еден момент ни остана особено впечатлив. На тајм-аут, по добиените совети, Радичевиќ повика „Ајде бре. Идемо!“. Повик за охрабрување кој не се преточи на теренот. Но храбрење и добра атмосфера не се доволни. Ни за пласман на Фајнал 4, уште помалку за титулата. Нам тоа ни е јасно. Се надеваме дека многу брзо тоа ќе им стане јасно и на водството на ЖРК Вардар.