Ако љубителите на женскиот ракомет во Македонија сметаа дека Вардар не може да биде послаб од есенскиот дел, се излажаа. Нов пораз на ЖРК Вардар во Лигата на шампионите. Овој пат од германски Лајпциг. Досаден, неинвентивен ракомет со безброј грешки прикажаа македонските шампионки. Едноставно бевме сведоци на слаба и неквалитетна игра.
Не функционираше играта на вардарки во ниту еден сегмент. Ниту во одбрана ниту во напад. Поразот е уште поболен ако се има во предвид слабиот квалитет на противникот, кој реално одигра над своите можности. Секако, само затоа што тоа им го дозволивме ние.
А мечот не почна така лошо. Имаше Вардар водство од 6-4 во 15-та минута, но не го искористија тој период да се одлепат, и уште на стартот да го „откажат“ противникот. По нереализираните напади, Лајпциг целосно се врати во игра и од тој момент, се до крајот на мечот го контролираше резултатот. Конечни 26-23 за екипата на Лајпциг, со кои Вардар останува, барем за сега, на 4-то место во својата група.
Ако македонските шампионки сакаат да се најдат повторно на Фајнал 4 турнирот, мора многу да менуваат. Со ваква игра, под знак прашалник е дури и ¼ финалето.
Шанса да покажат дека се работи само за слаб ден, и дека целта за пласман на фајнал 4 турнирот е реалност, вардарки ќе имаат наредниот викенд, кога во сабота го пречекуваат словенечкиот шампион – екипата на Крим.