Со сигурна и константна игра во текот на сите 60 минути, екипата на Металург ја забележа првата победа во ЛШ. Совладан е швајцарскиот шампион Кадетен Шафхаузен со резултат 28-24.

Иако резултатот покажува резултатски тесен натпревар, реалноста е дека Металург целосно го контролираше и играта и резултатот во текот на сите 60 минути. Впрочем, во ниту еден момент по почетното водство од 4-1, Шафхаузен не дојде на помалку од 2 гола разлика, па триумфот на Металург не беше никогаш под знак прашалник.

По почетното водство, Металург се чинеше дека ќе оствари лесен и убедлив триумф. Но искусните играчи на Кадетен, не дозволија Металург да има повеќе од 5 голови предност, со што колку толку беа во игра во текот на целото полувреме, кое заврши со резултат 15-11. Во вториот дела Металург одигра „на резултат“. Го користеше времето во своја полза, ја користеше растечката нервоза кај гостинот и умешно го приведе мечот до крај. Триумфот можеше да биде изразен и со поголема разлика, но во последните 15 минути се виде младоста и неискуството во редовите на Металург, кои наместо да го дотолчат противникот, како да се подисплашија од се поизвесниот успех.

Во Металург најпрецизен, некако веќе по обичај, бече Јанко Божовиќ со 8 гола, од кои особено беа важни оние во последната четвртина, кога како најискусен целосно ја презема одговорноста. Сепак, се чини човек на натпреварот беше Мраковчиќ, кој постигна неколку извонредно важни погодоци, а истовремено и беше најпожртвуван од сите, и во одбрана и во напад. Нов квалитетен натпревар одигра Бојан Маџовски, кој со 4 погодоци сериозно се наметнува како лидер во Металург. Но, реално, целата екипа одигра добро и сите имаат голем придонес, особено со играта во одбрана, каде тренерот Червар извонредно ја имаше поставено играта.

Триумфот на Металург е важен не само заради освоените два бода и продолжувањето на борбата за едно од првите 2 места, туку и заради самодовербата на овие играчи на Металург, кои мора да веруваат во своите можности, онака како што Червар и целиот стручен штаб верува во нив.

Шанса за нов триумф, Металург има веќе за 7 дена, кога во Скопје гостува норвешкиот првак Елверум, кој во првото коло ја совлада екипата на Кадетен на гостински терен. Доволен предизвик за скопската публика во многу поголем број да дојдат во салата „Борис Трајковски“ и да и ја пружи толку неопходната поддршка на македонската екипа.

Фото: Мартин Димовски ( @Lacialec )