Име и презиме |
Филип Ивановски |
Моите почетоци беа во ракометната школа Климент Охридски на Проф. Никола Поповски на 10 г. возраст. Се сеќавам дека мојот татко не сакаше да бидам голман па играв на повеќе позиции, но секој момент кој можев да го искористам одев помеѓу стативите. Тоа го увиде и мојот тренер и така се почна. На 14 г. бев повикан да се приклучам кон младинската екипа на РК Пелистер. Имав среќа што во тоа време тренер на РК Пелистер беше нашата македонска голманска легенда Стевче Стефановски, кој го виде мојот талент и продолжи со индивидуални тренинзи со мене.
3. Кој е голманот во европски и светски рамки кој ти е идол? Има ли некој голман од кој учиш?
Секако дека имам свои идоли (Арпад Штербик, Никлас Ландин, Каспер Хвид). Гледам од сите да научам по нешто, но по конструкција на телото, најблиску сум до Каспер и Ландин, па нивниот начин на бранење можеби и најмногу ми одговара, па затоа и нив најмногу ги пратам.
4. Велат дека за голманите покрај рефлексите и брзината, неопходна е и полна концентрација и смиреност во текот на мечот. На кој начин се подготвуваш за мечевите? Имаш ли некои ритуал?
Немам некој посебен ритуал пред самите натпревари, гледам максимално да се одморам и да се опуштам. Тоа најчесто го правам со гледање на некој добар филм.
5. Ти беше еден од клучните репрезентативци во квалификациите за ЕП за јуниори во Скопје и еден од најзаслужните за пласманот на ЕП. Како гледаш на тој успех и можеше ли репрезентацијата да направи повеќе на самиот шампионат?
Оваа генерација конечно после 10 годишна пауза успеа да се пласира на едно големо надпреварување. Заслугата за пласманот на ЕП беше подеднаква на сите, бидејки ако сите ние не си ја одработевме максимално поставената задача, тогаш немаше да го постигниме тој успех. На самото првенство не го покажавме нашето вистинско лице и квалитет. Од она што го видов во Австрија според квалитетот што го поседува оваа генерација можевме и моравме да бидиме меѓу првите 8 репрезентации. Но неискуството и недостатокот од поголем број на меѓународни натпревари, без разлика дали се тоа пријателски или турнирски натпревари е причината за тоа. Имавме само два контролни меча со Србија, за разлика од некои кои имаа од 6 до 10 контролни натпревари пред самото првенство.
6. Сега следат квалификациите за светското јуниорско првенство. Имаме ли шанси за пласман на шампионатот во Бразил?
Шанси секогаш има. Па и тие се 20 годишници, имаа една глава, две раце и две нозе, не се ништо по различни од нас, само разликата е во начинот на припрема и работата со младите категории. Раководството на РФМ започна еден проект кој почна да дава резултати (пласман на Јуниорите и Кадетите на ЕП), се надевам дека ќе се продолжи со тој проект, и дека ќе се обезбедат услови за квалитетни припреми и поголем број на меѓународни натпревари, со што ќе се зголеми самодовербата, па успехот сигурно нема да изостани.
7. Во наредниот период од тебе и колегите во јуниорската и кадетската репрезентација се очекува да ги продолжите успешните настапи и на сениорско ниво. Може ли да се надеваме на подеднакви, па и поголеми успеси во иднина, имајќи во предвид дека ќе треба да ги замените Лазаров, Борко Ристевски, Миркуловски, Мојсовски?
Генерацијата на Лазаров, Ристовски, Мојсовски, Миркуловски и останатите поставија високи стандарди за успех. Сигурно овие генерации на јуниори и кадети, но и генерациите кои доаѓаат после нас ќе сакаат да ги достигнат нивните успеси, но и да ги надоградат, а со тоа да покажеме дека Македонија иако е мала земја, сепак е ракометна веле сила.
8. На клупски план, од годинава член си на вториот тим на Вардар. Како е во новата средина? И како е да се работи со веројатно најдобриот ракометар во историјата на Македонија, Пепи Манасков?
Одлично! Од страна на раководството на клубот ни се овозможени максимални услови за тренинг. Имаме се што е потребно за постигнување на максимални резултати. Имаме одработено и неколку заеднички тренинзи со голманите од првиот тим, а кога тренираш заедно со најдобриот голман на денешницата Арпад Штербик, не можеш, а да не посакаш да достигнеш барем дел од неговата успешна кариера. Овој период со игрите во прва лига ќе ги искористиме за воигрување на екипата и влез во супер лига, а таму да ги покажиме нашите квалитети и да возвратиме на довербата која ни е дадена. Среќен сум што можам да бидам дел од проектот кој го води Пепи Манасков. Да се работи со него значи да бидеш максимално посветен на тоа што го работиш и целосно сконцентриран. Тој е тренер кој целото свое искуство сака максимално да го пренесе на своите играчи, но затоа и бара максимум од нас. Од него сите ние ќе научиме како се трасира патот на успехот.
9. Дали некогаш како голман ти се случило да дадеш гол?
Да, имам постигнато два гола кога настапував за Пелистер Јуниор. Моите колеги од противничките екипи беа излезени надвор од шестерецот да спречат контра, но наместо да фрлам контра успеав да постигнам гол.
10. За да се дојде до врвно ниво во спортот, обично велат дека се потребни многу откажувања. Кaкo успевaш дa ги избaлaнсирaш тренинзите и спoртскиoт нaчин нa живoт сo “нoрмaлниoт” живoт нa еден 20-гoдишник? Има ли време за девојки, дружење, излегувања?
Точно дека за врвни резултати се потребни многу одрекувања, но кога покрај себе имаш личности кои максимално те поддржуваат во твојата желба за успех сето тоа е многу полесно. Покрај обврските во клубот имам и обврски на факултет, редовен студент сум во втора година на Факултетот за физичка култура при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”, па времето помеѓу тренинзите сум на предавања на факултет и учење. Слободно време нема многу, единственото слободно време за дружење ми е во саботите после натпреварите и во неделите.
11.Следи СП во Катар. Како ги цениш шансите на нашата репрезентација на овој шампионат?
Иако во моментов имаме доста проблеми, мислам дека нашите репрезентативци ќе успеат да се припремат максимално, со што ќе се пласираат помеѓу 8-те екипи со што ќе се овозможи пласман за квалификации на ОИ.
12. За крај, да видиме колку си добар прогнозер – твоја прогноза за распределбата на медали на ова СП и за пласманот на МК.
Мислам дека ова светско првенство ќе биде доста неизвесно, затоа што Шпанија има доста квалитетна репрезентација, исто како и Франција, Данска и Хрватска. Мислам дека ќе се одлучува помеќу овие четири репрезентации, и дека распоредот би бил Шпанија, Франција, Данска и Хрватска.
|