По убедливиот триумф над репрезентацијата на Алжир на првиот меч од подготвителниот турнир што се одржува во Нант од 32-20, денес нашите репрезентативци ќе го играат и вториот меч, овој пат против големата Франција.

Убаво изгледаше македонската ракометна репрезентација на вчерашниот дуел со африканскиот шампион. Одбраната делуваше импресивно, голманите на ниво на задачата, нападот фуриозен со брза контра и добра транзиција. Конечно, се виде и предноста кога во тимот има 13-14 одлично подготвени ракометари кои можат да ја поделат минутажата и да ја задржат играта на високо ниво во текот на сите 60 минути.

Сепак, вистински тест на моменталните можности е денешниот противник. Франција со години е во врвот на светскиот ракомет. Со агрсивна одбрана и брз напад, успева брзо да ги откаже своите противници. Така беше и вчера, кога ја демонстрираа својата моќ, совладувајќи ја Аргентина со 33-19. Македонија не можеше да посака подобар противник како последен меч пред СП.

Секој спортист сака да победува, па веројатно со таа девиза ќе влезат и нашите и француските ракометари на денешниот меч. Но не по секоја цена. Нашата репрезентација и селекторот Обрван се свесни дека овој меч не е ништо повеќе од подготвителен, пријателски дуел и е со единствена цел – последни корекции и дополнително подигање на формата пред првиот меч на СП, за 6 дена против репрезентацијата на Тунис. Тоа е мечот каде нашите ракометари ќе трба да ја покажат својата сила и да забележат победа.

Мечот со репрезентацијата на Франција е со почеток во 18:00 часот и е со директен пренос на МРТ.