Искусниот Лино Червар е едно од најсилните оружја на Металург. Од самиот почеток на сезоната тој се обидува да ги увери сите, вклучувајќи ги и своите играчи дека составот на Металург е со огромен потенција и дека од натпревар во натпревар екипата ќе игра се подобро. Затоа, тој не може, а да не биде задоволен од последните настапи на Металург. Сепак Червар знае дека тоа е во минатото, и дека секој меч е нов предизвик за Металург.

“Шафхаузен за нас е веќе минато, сега сме свртени кон норвешкиот Елверум. Одигравме добро в саботата, особено во одбраната, но сега да бидеме сконцентрирани на она што не очекува во следниот дуел. Нашата екипа е млада, постигнавме неколку добри резултати, но не смееме да мислиме дека ние сме сега кој знае што. Мораме да се држиме до нашрто најсилно оружје, а тоа е борбеноста. Мораме да одиграме борбено и дисциплинирано, со поголем акцент на одбраната, бидејќи без одбрана не можете да добиете ниту еден посериозен натпревар. Ако не се бориме нема да биде добро. Ќе биде тешко. Елверум е еден посилен тим, со неколкумина добри играчи. Пред се, ќе мораме да внимаваме на десниот бек Вестергард. Втор играч на кој се базира играта на Елверум е Лука Митровиќ, а тука е и Линд Бое, кој е крилен играч. Елверум го има и високиот и опасен пикер Боресен. Тие со Шафхаузен одиграа добро, но изгубија дома од екипата на Скјерн. Елверум добро се држеше во првото полувреме, но киксираа во одбраната, која не им беше толку цврста како на првиот меч, па Скјерн лесно победи. В сабота ќе мораме да ја избегнеме нивната висока одбрана, кога ќе го бараме патот до нивниот гол. Можат да бидат многу опасни и на контра. Ова секако ќе биде еден интересен натпревар. Се разбира дека сите ние сакаме да се повтори нашата игра од минатата сабота, да победиме, но тоа нема да биде воопшто лесно. Затоа ја повикувам публиката, која е нашиот осми играч, да дојде и да ја наполни салата Борис Трајковски. Се чувствува дека нашата млада екипа ја привлекува публиката, тоа е нешто ново и затоа повторно ја повикувам публиката да им даде поддршка на овие млади играчи. Ќе има и падови, нема да имаме само победи, но јас секогаш им велам на моите играчи „или бори се или бегај“. Тоа е нашата сила, мораме да се бориме. Се надевам дека еден ден во Борис Трајковски се ќе биде како порано. Моите играчи знаат дека со својата игра и со борба треба да и се оддолжат на публиката“ – го заврши своето излагање Червар.