Штотуку завршената натпреварувачка сезона за ракометниот клуб Вардар е една од најуспешните до сега. Шампионска титула во домашното првенство, трофеј во Куп на Македонија, 1/4 финале (второ по ред) во Лигата на шампионите, настап на Фајнал 4 турнирот во СЕХА лигата.
Во најквалитетното светско натпреварување, ЕХФ Лигата на шампиони, втора сезона по ред Вардар стигна до четвртфиналето, на чекор од големиот сон – пласман на завршниот турнир. Вардар во текот на целата сезона играше навистина добро и константно во ЛШ. Со ретки падови (првиот дуел од 1/8 финалето со Висла Плок и гостувањето во Веспрем во групната фаза се можеби единствените лоши натпревари), и некои вистински блесоци (мечот од последното коло во групната фаза со Рајн-Некар и повеќето мечеви на домашен терен), Вардар и повеќе од достоинствено се претстави себе, а со тоа и македонскиот ракомет на европско ниво. Сепак уште еднаш, втора сезона по ред се покажа дека, квалитативно, голем е скокот од 1/4-финале до Фајнал 4. А за тоа Вардар годинава сепак не беше подготвен.
Во домашното првенство и Купот на Македонија, Вардар беше без конкуренција. Без неизвесност и без дуелите со Металург од минатите сезони, Вардар супериорно ги освои двата трофеи и си овозможи себе си директен пласман во најквалитетните две групи од ЛШ за идната сезона.
Можеби единствениот кикс Вардар го имаше во СЕХА лигата. И тоа исклучиво по своја вина. Откако поголемиот дел од сезоната екипата го одигра ова натпреварување на највисоко ниво, и сериозно и пристапи на регионалната лига, Вардар киксна на завршниот турнир. Навивачите и сите искрени љубители на ракометот во државата, па и во регионот, не го примија најдобро настапот на Вардар на турнирот во Веспрем, на кој скопската екипа загуби во полуфиналето и не успеа да го одбрани трофејот од минатата сезона.
И оваа сезона, неколку играчи отскокнуваа во екипата. Штербик ја даде дополнителната сигурност на голот на Вардар и беше најдобар играч на повеќето од натпреварите. Во нападот се се вртеше околу креативноста на Карачиќ, убоитоста на Дибиров, извонредните удари од далечина на Душебаев и феноменалните пикери Стоилов и Тоскиќ. Сепак како одминуваше сезоната, првите двајца играчи на екипата – Дибиров и Карачиќ, како да паѓаа во формата и можеби тоа е дел од причината што Вардар не го помина Киелце на патот до Ф4 во ЛШ.
Што можеме да очекуваме од Вардар догодина?
Секако, уште поуспешна сезона од оваа штотуку завршената. Клубот повторно ќе стартува со највисоки цели: Одбрана на титулите во домашните натпреварувања, освојување на СЕХА лигата и веројатно најголемата желба на клубот, а и на сите навивачи на Вардар – пласман на Фајнал 4 турнирот во Келн. За таа цел, раководството веќе го комплетираше ростерот за наредната сезона. Со засилувањата како Дерeвен, Циндриќ, Македа, Манасков, Марсениќ, се чини дека од играчки аспект, Вардар ќе има ростер да стигне до завршниот турнир. Но, треба многу коцки да се поклопат за да се оствари тоа. Почнувајќи од ждрепката овој петок.
Екипата на МакРакомет му честита на Вардар за успесите во изминатата сезона и му посакува повеќе успех догодина и остварување на зацртаните клупски цели.