македонија репрезентација ракомет

Убедлив пораз доживеа македонската ракометна репрезентација од домаќинот Хрватска на стартот од Кроација купот во Умаг. Конечни 29-21 за објективно подобрата селекција во овој дуел.

Гледавме натпревар во кој Хрватска имаше контрола над резултатот од почетокот до крајот. Македонија немаше шанса да извојува попозитивен резултат. На самиот старт Хрватите се одлепија на +5 т.е 7-2 во 10та минута. И ако нападот и никогаш не бил наша појака страна, она што разочара во овој дел од мечот, па и во текот на целото прво полувреме е играта во одбрана. Хрватите лесно излегуваа на крај со нашите играчи што резултираше со дури 18 примени голови за 30 минути, 18-13. Во нападот правевме доста технички грешки, но она што радува е врската Лазаров-Пешевски, кои заедно со Георгиевски беа најдобри наши поединци.

Во второто полувреме Македонија ја консолидираше играта во одбрана и тоа резултираше со враќање на резултатската неизвесност. Имено, Македонија се приближи на -3 (19-16, а потоа и 21-18), но тоа беше се што успеа да направи на мечот. Во последните 15 минути, поголема шанса добија дебитантите во Македонија, што го искористија Хрватите повторно да ја зголемат предноста и да дојдат до конечни 29-21.

Поразот не е страшен. Македонија, како впрочем и Хрватска, не беше ни одблиску од тимот со кој ќе настапува на ЕП во Полска. Она што е поважно е дека на овој меч Македонија го доби Пешевски како дефинитивен партнер на Стоилов на пивотменската линија. Тој беше најдобар на мечот со 6 гола од 6 обиди. Покрај него, се чини дека Талески исто си обезбеди место во репрезентацијата, а ако продолжи со вакви игри може да се наметне и за почетниот состав на репрезентацијата. Денес одигра искусно, без непотребни грешки со 3 постигнати голови од 4 обиди. Секако, неприкосновен уште еднаш во репрезентацијата беше Кире лазаров со 5 гола, и безброј асистенции. Она што недостасуваше беше поголем придонес на Борко Ристевски, која заедно со Митревски (која бранеше многу малку) имаа вкупно 6 одбрани.

Утре Македонија ќе го игра вториот меч на турниров, против селекцијата на Црна Гора.